Skip to main content

Милошоски: Пристапниот процес треба да се темели на заслуги, а не на билатерални прашања

Делегацијата на собраниската Комисија за европски прашања, предводена од потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата, Антонијо Милошоски, во Тирана оствари средба со ирската собраниска делегација, предводена од Бери Ворд, претседател на Заедничката комисија за прашања на Европската Унија при ирскиот Парламент.

Средбата се одржа во рамки на Интерпарламентарната конференција на тема „EU Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“.

Од Собранието соопштија дека на средбата била потврдена силната и континуирана поддршка од Ирска за европската перспектива на Македонија и за напредокот кон полноправно членство во Европската Унија.

Во разговорот било истакнато дека пристапниот процес треба да се темели на јасни, објективни и мерливи критериуми, со фокус на исполнувањето на Копенхашките критериуми, спроведувањето на реформите и постигнатите резултати.

„Пристапниот процес треба да се темели на мериторен принцип, односно напредокот да зависи од индивидуалните постигнувања и исполнувањето на преземените обврски“, се наведува во соопштението.

Во тој контекст, било нагласено дека билатералните прашања не треба да го определуваат или попречуваат европскиот интегративен процес, туку во фокус да останат европските стандарди, реформите и исполнувањето на критериумите за членство.

На средбата била поздравена и поддршката од Ирска во периодот на нејзиното тековно претседавање со Советот на Европската Унија, како придонес кон кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги процес на проширување.

Соговорниците ја истакнале и важноста од продолжување на парламентарната соработка и размената на искуства, особено во областа на европските интеграции, реформските процеси и јакнењето на парламентарниот надзор врз исполнувањето на европските стандарди.

Поврзани вести