
Повеќе од една четвртина од сите вработени во Германија, односно 27 отсто, имаат корени од странство, покажуваат официјалните статистички податоци објавени денеска од Сојузниот завод за статистика.
Податоците од микро-пописот за 2025 година укажуваат дека работниците со мигрантско потекло се од суштинско значење за повеќе сектори од германската економија, вклучувајќи ги здравството, угостителството и градежништвото. Според дефиницијата на Сојузниот завод за статистика, лице има мигрантско потекло доколку тоа или неговите родители се доселиле во Германија по 1950 година.
Во повеќе професии и сектори, мнозинството работници имаат странско потекло. Уделот на лицата со мигрантско потекло меѓу готвачите изнесува 56 отсто, во производството на храна е 55 отсто, при поставувањето подни облоги 54 отсто, а кај поставувањето скелиња и преработката на месо изнесува по 51 отсто.
Уделот на работниците со мигрантско потекло е значително над националниот просек и во неколку дејности во кои е забележан силен недостиг од квалификувана работна сила. Така, кај професионалните возачи тие учествуваат со 41 отсто, во хотелските услуги со 40 отсто, а кај негата и грижата за стари лица со 33 отсто. Најнизок удел на работници со мигрантско потекло во 2025 година меѓу секторите со недостиг од работна сила е регистриран во службите за итна помош, каде што изнесува седум отсто.
Микро-пописот е годишно репрезентативно истражување на примерок во кое се анкетира околу еден отсто од населението во Германија.(МИА)

Македонски


