
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, го прогласи за отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, на свеченоста на која му ја врачи и наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер Дан Лаустсен.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека „Браќа Манаки“ одамна не е само фестивал, туку културна институција со меѓународен авторитет и значаен мост што ја поврзува македонската и балканската кинематографија со светската.
„Камерата не е само техничко средство за создавање филмска слика, туку клучен сведок и моќен естетски инструмент. Не само што го регистрира времето, туку, истовремено, му дава значење. Не само што го покажува светот, туку ни овозможува да го протолкуваме и разбереме“, порача претседателката.
Таа посочи дека особено значајно е што меѓу 12-те кинематографери чии филмови се во официјалната селекција се најдоа и два македонски филма, со кои ќе биде отворено и затворено годинашното издание на фестивалот.
„Во овој чин препознавам признание, но и импулс за македонскиот филм“, рече Сиљановска-Давкова.
Говорејќи за овогодишното мото „Ткајачи на филм“, претседателката истакна дека станува збор за силна метафора за филмската уметност, која се создава од светлина и сенка, боја и движење, звук и тишина, емоции, идеи и визии.
Според неа, филмот се ткае од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, како и од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации.
„Од пионерскиот подвиг на Јанаки и Милтон Манаки, до современите врвни достигнувања на светската кинематографија, оваа фестивалска приказна се ткае и ткае како драгоцено културно наследство на филмскиот разбој“, рече таа.
Сиљановска-Давкова нагласи дека е обврска на општеството да го поддржи, сочува и продолжи ова наследство, но и да создава услови новите генерации уметници слободно да творат, да експериментираат и да ги поместуваат границите.

„Во време на молскавични промени, дигитална поплава и модерни визуелни технологии, пред кинематографијата се отвораат незамисливи можности и предизвици. Но, чинам дека, колку и да се менуваат технологиите, останува темелното и суштинско сознание дека човекот и неговата емоција се најважните ткајачи на филмските приказни“, истакна претседателката.
Таа порача дека нишката што ја започнале браќата Манаки треба да продолжи да се ткае со знаење, вештина, храброст и љубов кон уметноста.
„Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната!“, порача Сиљановска-Давкова.
Со свеченото обраќање и доделувањето на „Златна камера 300“ на Дан Лаустсен, официјално започна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Македонски


