Skip to main content

Со мирис на ајвар, музика и многубројна публика започна „Taste the South“

Првата вечер од четвртото издание на „Taste the South“ донесе токму она по што е препознатлив југот – добра храна, музика, дружење и забава до доцна во ноќта.

Како што одминуваше вечерта, фестивалскиот простор во Mega Shopping Park собираше сè повеќе посетители. Мирисот на печени пиперки ја најави есента, а подготовката на ајварот привлече големо внимание. Посетителите имаа можност да го проследат целиот процес, да пробаат свежо подготвен ајвар и да уживаат во понудата на локални производи и македонски вина.

На сцената настапија ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци, Филип Стојанов, „Пауза за ракија“, „Куку Леле“ и „Брас Брадарс“. Песната, танцот и добрата забава ја одбележаа првата фестивалска вечер и донесоа вистинско јужно расположение во Гевгелија.

„Taste the South“ продолжи со нови вкусови и нова музичка програма. Вториот фестивалски ден беше посветен на смоквата и производите од смокви, па посетителите можеа да ја проследат нивната подготовка и да ги дегустираат специјалитетите по кои е познат гевгелискиот крај.

Фестивалот продолжи во недела. Настапија Школата за гитари и Школата за тапани при Пионерскиот дом, по што следеше Ансамблот „Бојмија“, танцовото студио „Мистик“ и Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“.

Во вечерниот дел настапија Наталија Данаилова во 19:45 часот, „Два Бона“ во 21:00 часот и Каролина Гочева во 22:30 часот, со чиј концерт ќе биде заокружено четвртото издание на фестивалот.

Неделата беше посветена и на традиционалната ракија. Посетителите може да ја проследат нејзината подготовка, да дегустираат и да поминат уште еден ден исполнет со вкусовите и обичаите на југот.

„Taste the South“ се одржува во Mega Shopping Park во Гевгелија.

Поврзани вести