Skip to main content

Волстрит Џурнал: Канадскиот премиер заговара идеја за што поблиски врски со ЕУ

Фото: Freepik

Канадскиот премиер Марк Карни сака да ги зајакне врските со Европската Унија и ја разгледува можноста неговата земја да стане „придружен член“ на тој блок, пренесе денеска американскиот весник „Волстрит Џурнал“.

ЕУ, која во минатото не беше многу флексибилна во поглед на правилата за пристапување, наводно е отворена за идејата на Канада да ѝ се додели статус на придружен член, кој допрва треба да биде создаден, додаде весникот, повикувајќи се на неименувани официјални лица од ЕУ и Канада.

Канадската амбасада во Брисел и портпаролите на Европската комисија не ги коментираа информациите.

Заострувањето на трговската војна меѓу Канада и САД ја направи потрагата по други партнери уште поитна за Канада, коментираат светските агенции.

Односите меѓу двете земји значително се влошија откако претседателот Доналд Трамп се врати во Белата куќа на почетокот на 2025 година, поради несогласувања околу трговијата и други прашања.

Нивниот трговски спор доведе до царини од неколку десетици милијарди долари во прекуграничната трговија.

Канада и ЕУ во моментов ги разгледуваат начините за овозможување слободно движење на канадската стока, услуги и работници вклучени во стратешките синџири на снабдување како што се енергијата, вештачката интелигенција, одбраната и критичните минерали, што ефективно би ја поместило границата на ЕУ, пренесува „Волстрит Џурнал“.

Канада и ЕУ исто така разгледуваат поставување подводни кабли, заедничка изградба на центри за податоци, нови сателитски мрежи и инфраструктура за пренос на канадската енергија во ЕУ, додаде американскиот весник.

Карни е во редовен контакт со неколку лидери на ЕУ, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, во врска со можноста на Канаѓаните да им се дозволи да живеат и работат во ЕУ без виза, според пишувањето на „Волстрит Џурнал“, кој се повикува на два анонимни извори запознаени со тоа прашање.

Поврзани вести