
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Канада е „една од најлошите земји во целиот свет“. Оваа изјава доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Отава, кои ги оптоваруваат историските пријателски односи.
Проблемот е што тие се однесуваа многу неправедно кон Соединетите Држави. Беа една од најлошите земји во светот. Знаете, ние добро соработуваме со Кина, добро соработуваме со луѓето и склучуваме добри договори – рече Трамп во Овалната соба.
Но, со Канада е навистина тешко да се соработува. Тие воведоа царини од 400 отсто и повеќе за нашите земјоделци. Нè искористуваат, додаде тој.
Односите меѓу САД и Канада се невообичаено лоши за време на вториот мандат на Трамп. Причината не лежи само во трговските спорови, туку и во потезите на претседателот насочени кон припојување на Канада кон Соединетите Држави. Ситуацијата се заостри во август по пропаѓањето на трговските преговори, по што двете нации воведоа реципрочни царини.
Претходно овој месец, Карни коментираше дека неговата земја премногу се потпирала на „лесните“ економски врски со САД.
Изминатите 40 години беа период на длабока економска интеграција со Соединетите Држави. Точно е дека патот беше лесен, но тоа нè направи премногу зависни од еден економски партнер. Јасно е дека тоа време помина – рече Карни во видео објавено на Јутјуб на почетокот на септември.(МИА)

Македонски


