Skip to main content

„Боите на слободата“ – изложба во Музеј на Македонија во чест на 35 години македонска независност

Во четврток на 10 септември во Музејот на Македонија ќе се одржи изложба во чест на 35 години македонска независност под наслов „Боите на слободата“.

Со изложбата „Боите на слободата“ го одбележуваме државотворниот јубилеј преку она што е најтрајно за еден народ – неговото културно творештво. Овие уметнички дела и предмети не ја документираат само историјата, тие го продолжуваат нејзиното ехо, вели организаторот.

Секој јубилеј носи со себе одговорност да се погледне назад, но и храброст да се зачекори напред. Три и пол децении од прогласувањето на независноста на Македонија претставуваат можност, низ призмата на културното наследство, да се согледа патот на националното созревање, стремежот кон слобода и креативниот пркос што низ вековите го обликувал македонскиот идентитет.

Изложбата „Боите на слободата“ нè обединува околу дела кои во себе носат силна историска, социјална и естетска порака. Изложените дела ја пренесуваат енергијата на генерации преродбеници, илинденци, партизани, уметници и дејци кои со својот автентичен ракопис оставиле неизбришлива трага во изградбата на современиот македонски културен идентитет.

Секое изложено дело претставува фрагмент од мозаикот на нашата современа историја, преплетувајќи ги традицијата, историските пресвртници и современите визуелни размислувања.

Оваа изложба претставува отворен дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината низ визуелниот јазик на уметноста. Делата презентирани во овој каталог не се само пасивни набљудувачи на историските процеси; тие се нивен активен одраз, чувари на идентитетските превирања и сведоци на слободата на изразот. Токму овде, на ова место, се согледува нераскинливата врска меѓу историското наследство и современиот уметнички израз.

Културата на творечката традиција е наследство на македонската духовност, родена, пренесувана и сочувана во словото на свети Климент Охридски.
Традицијата на Охридската книжевна школа и духовното наследство на Охридската архиепископија претставуваат едни од темелните извори на македонската преродба.

Македонскиот 19. век, во историски поглед, претставува мошне сложен период. Тоа е време на еманципаторски процеси, на просветно-преродбенски тенденции, на борби за препознавање и стремежи за самонаоѓање, на потрага по заедничка јазична норма, на напори за создавање самостојна државно-политичка институција и за изградба на едно поправедно општество. Тоа е доба во кое се обликувани и оформени темелните идеи врз кои почива современата стварност на Македонија.

Неслучајно, Кочо Рацин, кон средината на 20. век, ќе укаже на прекинатиот континуитет на македонската книжевна и културна традиција, олицетворена во делото на Пејчиновиќ, Крчовски, браќата Миладиновци, Жинзифов, Цепенков, Прличев, Зографски, Пулевски и многу други. Надоврзувајќи се на духовните и творечките темели што ги поставиле овие дејци, Крсте Петков Мисирков ги систематизира и научно ги образложува своите епохални ставови за македонскиот литературен јазик во капиталното дело „За македонцките работи“.

Последните децении на 19. век се време на бурни превирања во општествениот живот во Македонија, кои се одразуваат во свеста на младата македонска интелигенција. Гоце Делчев , Ѓорче Петров и целата плејада револуционери се двигатели на овие превирања. 1903 година претставува пресвртница во македонската национална историја.

Со добро позната аксиома „Слобода или смрт“, на најголемиот верски празник Илинден, точно на полноќ, со биење на камбаните, се прогласи Крушевската Република, на чело со идеологот, организаторот и претседателот Никола Карев.

Во екот на овие борби се раѓаат доајените на македонската ликовна уметност, како Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Димо Тодоровски, кои подоцна, низ својот творечки опус, ќе го овековечат животот на македонскиот народ.

По балканските војни и Големата војна со кои е санкционирана поделбата на географската територија на Македонија, идеалите за слобода, просперитет и достоинствен живот, не исчезнале. Во тоа време, далеку од Македонија, во руската престолнина Петроград, делуваат Димитрија Чуповски и Македонското научно литературно другарство кои претставуваат зрак надеж за „втор Илинден“.
Надежта за сопствена држава почнува да добива реални контури со почетокот на Втората светска војна. Таа донела нова окупација и поделба на земјата. Истовремено, почнале да се реализираат желбите за конечно ослободување и создавање на сопствена држава, во еден нов и поправеден свет. Водени од илинденските идеали, македонските партизани застанале на страната на прогресивниот свет. Нивната посветена борба, во сојуз со останатите југословенски народи и како дел од пошироката антифашистичка коалиција, доведува до долгоочекуваната слобода.

Првото заседание на АСНОМ (познато како „втор Илинден“) означува историски исчекор кон конституирањето на македонската државност. Со неговото одржување, на 2 август 1944 година, во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, се ставени темелите на современата македонска државност.
Во борбите за ослободување на Македонија во Втората светска војна земаат учество големи имиња од уметноста, меѓу кои: Кочо Рацин, Ацо Шопов, Василије Поповиќ-Цицо, Вангел Коџоман, Коле Чашуле, Владо Малески, Мите Богоевски, Јордан Грабулоски, Петре Прличко, Илија Џувалекоски, Тодор Скаловски итн.

Тоа е време кога, благодарејќи ѝ на една генерација талентирани, школувани и упорни творци, се поставени темелите и на современата ликовна уметност.
Во периодот на Социјалистичка Македонија, како дел од Југославија, се поставуваат темелите на современата македонска култура. Тогаш се создаваат и прибавуваат најголем дел од делата што денес ја обликуваат нашата уметничка меморија.

Повоената генерација писатели, сликари, скулптори, актери, композитори и режисери ја градат институционалната културна инфраструктура – театри, музеи, ансамбли, филмски студија. Со нивното делување, уметничкото творештво во Македонија постепено станува дел од историските процеси карактеристични за целокупната современа уметност, афирмирајќи ја македонската уметност во поширокиот југословенски и европски контекст.

Овој период претставува време на културна експанзија, во кое традицијата се преплетува со модерните текови и се создава препознатлив национален израз.
Кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години почнува распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во тој период почнуваат да се одделуваат сите поранешни југословенски републики, прогласувајќи независност.

Македонија, исто така, е засегната од овие случувања и токму тогаш македонскиот народ почнува да трасира нови патишта во поглед на реализација на националните, економските и културните стремежи. На 6 август 1991 година, донесена е одлука за референдум. Прашањето што се наоѓа на гласачкото ливче гласи: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија? За или против?“

На 8 септември 1991 година („трет Илинден“) е одржан референдумот по кој Македонија станува самостојна, независна и суверена држава. Со овој референдум се заокружуваат вековните културни, социјални и политички стремежи на македонскиот национален идеал.

Од крушевскиот пламен, до партизанскиот отпор, па сè до плебисцитарната волја од 8 септември 1991 година, македонскиот непокор добива своја современа димензија.
„Трите Илиндени“ се отскок во иднината, нејзино довикување, нејзина неумолива преобразувачка сила.
Оваа изложба е визуелен мост меѓу трите темелници на македонскиот идентитет – идеалот на Илинден, жртвата на НОВ и вековниот сон заокружен на 8 Септември.

Поврзани вести