Skip to main content

Каранфилова – Пановска: Лозарите се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето

Лозарите во Тиквешијата се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето и ниските откупни цени, а Владата на ВМРО-ОКГ и Мицкоски не презема ништо за да го заштити нивниот труд. Со кој образ Мицкоски денеска е на Тиквешки гроздобер, изјави денеска од Кавадарци заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска.

За жал, оваа година Тиквешкиот гроздобер се случува во време кога лозарите се соочуваат со сериозни предизвици за обезбедување откуп за грозјето и за обезбедување на фер цена за нивното производство. Владата на ВМРО-ОКГ и на Мицкоски не презеде апсолутно никакви мерки со кои што ќе ги заштити лозарите и нивниот труд. Со кое лице и со кој образ се прашуваме денеска премиерот Мицкоски е овде на прославата во рамки на Тиквешкиот гроздобер, без претходно да се соочи со лозарите за да му ја кажат нивната мака“, рече Каранфилова – Пановска.

Таа предупреди дека состојбата со Вранецот е особено алармантна и дека времето за реакција истекува.

Грозјето е по нивите. Лозарите се жалат дека Вранецот, доколку не се откупи во следните 2-3 дена, ќе остане комплетно, родот ќе биде неупотреблив. И затоа ние, СДСМ, сме на страната на лозарите. И ќе предложиме итни мерки, преку законски решенија во Собранието со кои што ќе побараме зголемување на откупната цена и тоа на 28 денари за Вранецот и на 25 денари за Смедеревката, ќе предложиме интервентен откуп, особено за грозјето Вранец, ќе предложиме да се отстрани 8%-ното намалување на откупната цена доколку истата им се плати во рок од 8 дена и ќе побараме за гарантиран откуп за целото грозје оваа година“, рече Каранфилова – Пановска.