
Со положување цвеќе на спомен-обележјето „Солза на Роза“, денеска во Охрид беа одбележани 17 години од трагичната несреќа на бродот „Илинден“, во која животот го загубија 15 бугарски туристи.
Делегација на Општина Охрид положи цвеќе во знак на почит и сеќавање на жртвите од несреќата.
Цвеќе на меморијалниот споменик положија и делегација на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, претставници на Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола, локални институции, здруженија и граѓани.
Генералниот конзул на Бугарија во Битола, Петар Петров, на комеморацијата изрази благодарност до морнарите Васко Маркоски и Драган Наумовски од екипажот на бродот „Александрија“, до Зоран Гилевски, капетанот на бродот Петар Василев, капетанот на бродот „Кристина“ Васко Јанев, командирот на блиската армиска единица Раде Буџаковски, дежурниот офицер Влатко Димановски и војниците под нивна команда, како и до жителите на Охрид кои се вклучија во спасувањето на бугарските туристи.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп, а по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“, кој со 57 патници сообраќаше на релација Охрид – Свети Наум. Тоа саботно утро времето било исклучително топло, а езерото мирно, но бродот се преврте и потона на околу 250 метри од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Две недели по потонувањето, на 19 септември, бродот „Илинден“ беше извлечен на површината на Охридското Езеро. Истиот ден беше одвлечен до каналот Студенчишта, каде, по спроведената истрага за неговата техничка исправност, се наоѓа и денес, како нем сведок на трагедијата што однесе 15 човечки животи.
Пред шест години, на брегот на Охридското Езеро, во непосредна близина на Студенчишкиот канал, беше откриен споменикот „Солза на Роза“ во знак на сеќавање на жртвите во несреќата.

Споменикот има изглед на капка што се дели на два дела – едниот оди надолу и симболизира солза, а другиот нагоре и претставува нов почеток преку симболично испарување на водата. Во капката се испреплетени 15 рози, како симбол на 15-те животи згаснати тоа утро. Споменикот е изработен од оксидирано ковано железо, со боја на метал што создава впечаток дека е извлечен од вода.

Македонски



