Skip to main content

Почнува вториот уписен рок на државните универзитети, слободни места има на повеќе факултети

Кандидатите што не се запишаа во првиот уписен рок ќе имаат нова можност да конкурираат за слободните места на државните универзитети во земјава. Вториот уписен рок за академската 2026/2027 година се спроведува во различни термини, зависно од универзитетот.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје пријавувањето во вториот уписен рок ќе се одвива на 10 и 11 септември. Прелиминарните ранг-листи треба да бидат објавени на 15 септември, по што ќе следуваат конечните резултати и запишувањето на примените кандидати.

Бројот на слободни места на УКИМ се утврдува по завршувањето на запишувањето на кандидатите примени во првиот рок, кое се одвиваше на 3 и 4 септември. Информациите и листите со преостанатите места се објавуваат одделно од факултетите. Втор уписен рок најави и Факултетот за музичка уметност во Скопје.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола пријавувањето во вториот рок е предвидено за 9, 10 и 11 септември. Прелиминарните ранг-листи треба да бидат објавени на 14 септември, решенијата за прием на 16 септември, а запишувањето на кандидатите на 17 септември.

Повик за вториот рок веќе објави Педагошкиот факултет при УКЛО, додека Техничкиот факултет во Битола ги повика заинтересираните кандидати да конкурираат на достапните студиски програми од областа на техничките науки.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип вториот уписен рок се одржа на 3 и 4 септември. Пријавувањето за слободните места на факултетите и академиите се спроведуваше целосно електронски преку универзитетскиот портал.

Поврзани вести