
Словенечкото Народно собрание денеска на вонредна седница не му додели имунитет на пратеникот и лидер на Движењето за слобода, Роберт Голоб, за продолжување на постапката во случајот „Бобнар“, поради основани сомневања дека тој, како премиер, сторил кривично дело давање подароци за нелегално посредување.
За одбивање да се даде имунитет гласаа 75 присутни пратеници, вклучувајќи го и Голоб, јавува РТВ Словенија.
Специјализираното државно обвинителство на Словенија испрати барање до Народното собрание за одлука за дозвола за покренување кривична постапка против Роберт Голоб поради основано сомневање дека тој, како премиер, сторил кривично дело давање подароци за нелегално посредување, како и за наводно мешање во работата на полицијата.
Во октомври минатата година, Специјализираното државно обвинителство поднесе барање за судска истрага во врска со случајот, што се води во Окружниот суд во Љубљана.
Судот сè уште не одлучил за барањето, но кон средината на август обвинителството побара од Народното собрание дозвола за продолжување на постапката.
Голоб беше избран за пратеник откако беше поднесено барање за истрага и ужива пратенички имунитет. Тој неделава испрати писмо до Народното собрание, во кое објасни дека нема да се повика на имунитетот.
Голоб објави дека смета дека е непотребно Народното собрание да одлучува дали против него може да се покрене кривична постапка, како и дека самиот гласал за тоа да не му се даде имунитет.

Македонски

