
Во земјава досега се евидентирани 55 случаи на западнонилска треска, од кои 53 се лабораториски потврдени, а два се сè уште непотврдени, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Од заразените, 52 лица биле хоспитализирани, а едно лице не било задржано на болничко лекување. Во моментов на Клиниката за инфективни болести се наоѓаат 19 пациенти, од кои 17 со потврдена инфекција и двајца кај кои случаите сè уште не се потврдени. Според Клековски, разликите во бројките се должат на различните временски периоди на кои се однесуваат податоците.
Досега смртноста од ова заболување изнесува 11,5 проценти. Просечното болничко лекување трае 14 дена, при што најдолгиот престој бил 29 дена, а најкраткиот осум дена.
Најголем број пациенти на Клиниката биле регистрирани на 12 август, кога имало 24 хоспитализирани. Најголемиот број хоспитализации бил забележан во периодот од 3 до 24 август. Меѓу пациентите има значително повеќе мажи – четири пати повеќе од жените, а сите досегашни смртни случаи се кај мажи.
Прва хоспитализација имавме во мај, потоа повеќе недели немаше случаи. Регистриран случај имавме на крајот на јуни, а растот започнува на 13 јули. На 18 јули Институтот за јавно здравје го издаде извештајот и започнаа да се спроведуваат мерките“, рече Клековски.
Министерот посочи дека во периодот по 24 август се регистрирани три потврдени и два непотврдени случаи, со вкупно пет хоспитализации. Тоа е помалку во споредба со девет до 11 хоспитализации неделно во претходните три недели.
Во меѓувреме е забележана и промена во местата од каде што доаѓаат новите случаи, односно тие се појавуваат во северниот и североисточниот дел на Скопје.
Клековски информираше и дека уште еден гавран бил позитивен на западнонилска треска. Птицата била пронајдена во Карпош, во близина на Драмскиот театар, што е трет регистриран позитивен гавран.
Тој ги повика граѓаните да не пријавуваат целосно распаднати птици, бидејќи од нив не може да се направи тестирање. Наместо тоа, апелот е вниманието да биде насочено кон мртви гаврани, особено надвор од Скопје.
Ќе се обидеме да се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје, бидејќи во Скопје ја знаеме состојбата“, додаде министерот.

Македонски

