
Проектите како автопатот Скопје-Блацекој чија изградба ја почнуваме денеска се резултат на јасната политика и визија на Владата за развој на државата, порача денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, на поставувањето камен-темелник за изградбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 километри.
Николоски посочи дека почнува нов проекти којшто за неколку години ќе донесе дополнителен развој и силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар и уште повеќе зацврстување на Македонија како крстосница на Балканот.
Сите овие проекти, посочи вицепремиерот Николоски, можат да се случат само и доколку има јасна политика и јасна визија за развој на државата.

Кога оваа Влада беше формирана во 2024 година, јасната политика и визија на премиерот Христијан Мицкоски беше дека Македонија треба да стане крстосница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори — Коридорот 8 (Исток-Запад) и Коридорот 10 (Север-Југ) се пресекуваат, а на нив се надоградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6 којшто води од тука, и на тој начин да можеме државата да ја направиме срце на Балканот. Денеска почнуваме таков проект којшто оди во таа насока и само со една таква јасна политика и јасна визија ова може да се случи, затоа што секоја Влада има различни приоритети, приоритетот на оваа Влада е напредок, соработка, економски развој и на тој начин развој на државата и на целиот регион – рече Николоски забалагодарувајќи се на поддршката за реалзизацијата на проектот.
Новите километри автопат, на потегот од Стенковец до веќе изградените 1,5 километри автопат, треба да бидат готови за четири години. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови.
Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.

На свеченоста присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, неговиот косовски колега Албин Курти, вицепремиерите Љупчо Димовски и Беким Сали, министри, пратеници, претставници на меѓународните финансиски партнери во проектот, амбасадори.

Македонски


