
Институцијата која треба да ја штити нашата природа е заглавена во правен вакуум, бидејќи функционира врз основа на прописи од далечната 1949 година. Ваквото функционирање, што е резултат на недонесувањето на нов закон за прогласување на НП Маврово за Национален парк, е во директна спротивност со целите на Законот за заштита на природата, овозможува нетранспарентно работење и ја доведува во прашање легалноста на активностите во паркот.
Законот за заштита на природата е јасен – сите активности и интервенции во паркот, а особено сечата на шумите, смеат да се одвиваат исклучиво доколку се предвидени со План за управување и Програма за шумски екосистеми, во строго дефинирани зони со ограничувања за површината и интензитетот. Моменталниот обем на работа во НП Маврово, вклучително и сечата, се спроведува без овие неопходни стратешки документи, што директно излегува од законскиот основ и е во спротивност со целите на самиот Закон.
Дополнително, не постои јавен увид во документите – на веб-страницата на паркот не се објавени основните акти врз основа на кои функционира паркот, како статут и програми за работа, што укажува на јасно нетранспарентно работење.
Деновиве во паркот се подготвува нова сеча на шума, за потребите на изградба на малата хидро централа на реката Рибничка. За овој проект имаше силна критика од меѓународната стручна јавност и Бернската конвенција, македонските граѓански организации како и локалното население. Овој проект не само што не е во функција на заштита на природните вредности на паркот, тој е во директна штета за управувањето на ова заштитено подрачје!“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.
Затоа е потребно итно репрогласување на паркот, односно итно донесување на нов Закон за прогласување на НП Маврово за заштитено подрачје! Тоа е единствениот начин да се стави крај на овој правен вакуум, да се прекинат незаконските активности и да се воспостави вистинска заштита на природното богатство.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата не смеат повеќе да го игнорираат овој проблем – репрогласувањето на НП Маврово е нивна законска обврска!

Македонски


