Skip to main content

Пожар во Барселона: 160 пожарникари и 12 авиони и хеликоптери се борат со пожарот, дел од жителите се евакуирани 

Огромен шумски пожар што беснее во близина на Барселона предизвика евакуација на дел од жителите на периферијата на шпанската метропола.

На околу 25 жители на северниот дел од населбата Торе Баро им било наредено да ги напуштат домовите поради густиот чад, објави „Ла Вангардија“, а пренесе ДПА.

На останатите жители на Торе Баро, како и на жителите на соседната населба Сиутат Меридијана, им било препорачано да останат во своите домови и да ги држат затворени прозорците и вратите.

Пожарот избувнал во попладневните часови во планинската област Сера де Колсерола, која се граничи со Торе Баро.

Во гаснењето на огнената стихија се вклучени околу 160 пожарникари, како и 12 авиони и хеликоптери, соопшти противпожарната служба преку социјалната мрежа X.

Досега огнот уништил околу 35 хектари земјиште.

Пожарот во Торе Баро е втор што ја зафатил оваа област за помалку од две недели.

Серијата пожари доаѓа во период кога Шпанија, но и други делови од Европа, се соочуваат со исклучително тешка сезона на шумски пожари поради високите температури и сушата.

Експертите предупредуваат дека климатските промени придонесуваат за сè почести и поинтензивни шумски пожари, особено во периодите со екстремни горештини и недостиг од врнежи.

Поврзани вести