
Ова е историски момент за државата, по повеќе од 20 години започна изградбата на автопатот Скопје – Блеце, изјави претседателот на Владата Христијан Мицкоски кој денеска присустуваше и се обрати на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот Скопје-Блаце.
Добредојдовте на еден проект којшто за сите нас е историски — проект којшто во вистинска смисла на зборот историски, изминативе повеќе од две децении ни беше претставуван дека само што не почнал да се реализира. Но, еве, денеска сите сме овде сведоци на почетокот на реализацијата на овој проект, нешто што оваа Влада го имаше како свој приоритет пред некои 25-26 месеци кога беше избрана во македонското Собрание, изјави Мицкоски.
Мицкоски ја искористи приликата и кажа три работи коишто досега не беа споменати.
Не би сакал да се повторувам со претходните говорници околу должината на оваа автопатска делница, цената на чинење, од каде се финансиските ресурси, кои се институциите коишто го движат овој проект итн. Сите овие создадоа еден проект што за нас ќе биде од особено значење. Зборувам за нашите две земји, Република Косово и Македонија — за граѓаните помеѓу двете земји ќе значи подобра економија, подобро поврзување, подобар транспорт, подобра размена, нешто што претставува исклучително важен атрибут, посебно во 21 век и во корелација со нашите стратешки приоритети како Влада. За тие стратешки приоритети зборуваше и потпретседателот Николовски: бидејќи сме земја којашто не излегува на море, како држава да бидеме раскрсница на два многу значајни паневропски коридори, а тоа се Коридорот 8 и Коридорот 10.

Мојата прва порака којашто денеска сакам да ја испратам е дека по нешто повеќе од 20 години овој проект станува реалност. Реалност на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, ветување коешто беше дадено на почетокот на оваа Влада, беше дел од клучните приоритети на работата на оваа Влада и очекувам многу скоро од денеска да видиме значителен прогрес на работите на терен и во рекордно време, се разбира, овој проект да биде реализиран. Исто така, во рамките на оваа прва порака, би сакал да го изразам своето задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи на овој проект. Тоа значит дека ќе имаме дополнителна додадена вредност во македонската економија, повеќе работни места за македонските граѓани — нешто коешто претставува еден од врвните приоритети на оваа Влада.
Втората работа и порака којашто исто така сакам денеска да ја испратам е дека денеска тука нема да застанеме. Многу скоро од денеска продолжуваме со уште една автопатска делница којашто е дел од Коридорот 8. Се надевам многу скоро од денеска ќе можеме да присуствуваме на еден ваков настан којшто ќе го поврзе местото Букојчани со автопатот којшто очекувам на почетокот од следната година да го пуштиме, а тоа е Кичево – Охрид, односно од Букојчани до Кичево. Со тоа во еден момент ќе се создадат услови на територијата на државата да се градат 6 автопатски делници, нешто што досега никогаш во минатото не се случило. Тоа се делницата од Блаце до Скопје, делницата Тетово – Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од Букојчани до Кичево, од Кичево до Охрид и од Прилеп до Битола, нешто што навистина претставува историски момент за нас граѓаните, но и за државата генерално.
И третата порака којашто сакам денеска да ја испратам, а којашто мислам дека е многу значајна, е тоа дека кога градите улица, кога градите пат, кога градите автопат — вие градите иднина. Ние денеска отпочнуваме да градиме иднина, иднина за нашите млади. Бидејќи во политиката политичарите се минливи, ги ценат по она коешто ќе го остават зад себе и делата коишто ги оставаат зад себе. Ние како политичари во оваа наша македонска Влада мислам дека ќе оставиме капитални проекти, капитални дела коишто ќе ја одредат иднината на државата и ќе обезбедат иднина за младите. Наместо иднината и своите семејства да ги градат надвор од сопствената татковина, ова ќе биде мотив повеќе да останат тука дома, а оние коишто заминаа — да се погрижиме да ги вратиме тука дома и заедно од дома да се бориме за нашата заедничка татковина.

Им благодарам на сите оние коишто беа вклучени во реализацијата на овој проект. Му благодарам на секој оној којшто остави дел од својот живот и го посвети на реализацијата на овој проект и ќе го посветува во месеците и годините коишто следат. Од мене ја имате целосната поддршка и како Влада ние ќе продолжиме да бидеме фокусирани на економијата и економската обнова на државата. Бидејќи патриотизмот во 21 век претставува нешто многу повеќе од националромантични идеи претставува силна економија, добар стандард и граѓани коишто се задоволни од институциите и Владата, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. Тоа се врвните приоритети на оваа македонска Влада, изјави Мицкоски.


Македонски


