
Австралиските научници постигнаа голем успех во лекувањето на ракот на кожата односно првата персонализирана мРНА вакцина против меланомот покажа успех во клиничкото испитување во фазата три, намалувајќи го враќањето на ракот на кожата или смртните исходи за 42 процети во споредба со примена само на стандардната имунотерапија.
Резултатите од истражувањето беа презентирани на Конгресот на Европското здружение за медицинска онкологија во 2026 година.
Овие наоди претставуваат суштинска промена во нашиот пристап кон лекувањето на ракот: користење на имунолошкиот систем на поперсонализиран начин за да се намали ризикот од повторна појава на меланом или смрт. Ова никогаш претходно не било постигнато во историјата на развојот на лекови против рак, изјави онколог од Австралискиот институт за меланом, Џорџина Лонг.
Вакцината мРНА ја развиле компаниите „Модерна“ и „Мерк“, а наменета е за спречување за повторната појава на меланомот по хируршко отстранување на туморот.
Истражувачите прво го анализираат генетскиот материјал на туморот на секој пациент, а потоа утврдуваат по што се разликува од здравите клетки во организмот. Врз основа на овие информации се развива вакцина што му овозможува на имунолошкиот систем прецизно да ги препознае клетките на ракот.
Вакцината се аплицира во облик на мРНА, со што точно му се покажува на имунолошкиот систем што треба да бара и да нападне, посочи Лонг.
Таа додаде дека лекот се применува заедно со постојната имунотерапија „Кејтруда“ (пембролизумаб).
Ракот може да го измами имунолошкиот систем со лажен сигнал што изгледа како пријателски поздрав, поради што имунолошкиот систем мисли дека клетката на ракот е нормална. Пембролизумаб го блокира тој сигнал, овозможувајќи им на имунолошките клетки да го препознаат ракот и да го нападнат, но истиот лек им се дава на сите пациенти, наведе Лонг.
Се чини дека персонализираната терапија што се применува заедно со пембролизумабот ги подобрува резултатите од лекувањето. Во клиничкото испитување од фаза три учествувале повеќе од 1.100 пациенти од 157 клинички центри ширум светот.
Кај пациентите кај кои немало знаци на рак шест месеци по почетокот на лекувањето, ризикот од повторно појавување на меланомот или смрт бил намален за 58 отсто во споредба со пациентите кои примале само пембролизумаб.
мРНА вакцината сè уште не е достапна за пациентите во Австралија и во САД, но таа во фаза на одобрување, но тој процес може да трае неколку години, зависно од земјата.
Австралија има највисока стапка на смртност од рак на кожата, каде што на секои шест часа умира по еден човек.
Се надеваме дека во блиска иднина оваа терапија не само што ќе ги подобри резултатите од лекувањето кај пациентите со напреднат меланом, туку ќе им помогне и на лицата заболени од други видови рак кај кои постојните имунотерапии имаат ограничена ефикасност. Тоа е ветувачка можност, но потребни се дополнителни истражувања, наведе онкологот од Австралискиот институт за меланом, Алекс Мензис.
Неколку клинички испитувања на мРНА вакцини против рак на дебелото црево и ректумот, како и против рак на главата и вратот, не покажаа да докажат дека се намалува ризикот од повторно појавување на болеста.
Австралиските научници пред 20 години ја создадоа првата вакцина во светот специјално развиена за превенција од рак.
МИА

Македонски

