Skip to main content

Панел-дискусија на „МакеДокс“: „Филмска критика во ера на алгоритми?“

Како се менува филмската критика во време кога алгоритмите, социјалните мрежи и дигиталните платформи сè повеќе влијаат врз тоа што гледаме и што ни се препорачува? Ова ќе биде тема на денешната панел-дискусија „Филмска критика во ера на алгоритми?“, која ќе се одржи во рамките на фестивалот „МакеДокс“.

Панелот е закажан за 13 часот во „Лабораториум“ во Скопје, а ќе собере филмски критичари, новинари и фестивалски програмери од Македонија и странство.

На дискусијата ќе учествуваат Марина Костова, филмска критичарка и потпретседателка на ФИПРЕССИ, Марина Д. Рихтер од Австрија, филмска критичарка, новинарка и фестивалска програмерка, Алфонсо Ривера од Шпанија, филмски критичар, новинар и член на ФИПРЕССИ, како и Муртада Елфадл од САД, филмски критичар, новинар и програмер.

Модераторка на разговорот ќе биде Кристин Камдесис од Франција, извршна и уметничка директорка на FIPADOC. Филмската критика традиционално има улога многу поширока од оценувањето на филмовите. Таа отвора простор за разговор, ги преиспитува доминантните наративи и му помага на гледачот да му пристапи на филмот од поинаква перспектива.

Но начинот на кој публиката денес ги открива и избира филмовите драстично се промени. Социјалните мрежи, алгоритамските препораки и сè пософистицираните маркетинг-кампањи влијаат врз јавното мислење и врз видливоста на филмовите.

Токму затоа се отвора прашањето каде завршува критиката, а каде почнува промоцијата или личната препорака. Дали филмските критичари сè уште можат да бидат целосно независен глас? Дали има простор за негативна оценка и отворено несогласување во време кога речиси секој филм се претставува како нешто што „мора да се гледа“?

Поврзани вести