
Над 3,3 милиони денари изнесува штетата нанесена на АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп, според сомневањата наведени во кривичната пријава што ја поднесе СВР Битола против три физички лица и едно правно лице од прилепско.
Кривичната пријава е поднесена против Љ.Б.(59), К.С.(60) и Ј.Д.(41) од Прилеп, како и против правно лице од село Мало Коњари. Тие се сомничат за повеќе кривични дела поврзани со откуп и продажба на отпадни материјали од Тутунскиот комбинат.
Според пријавата, Љ.Б., кој во 2021 и 2022 година бил координатор на група за обезбедување во АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп, се сомничи за „проневера во службата“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.
К.С., кој во истиот период бил генерален извршен директор на комбинатот, се сомничи за „несовесно работење во службата“, додека Ј.Д., сопственик и управител на фирмата од Мало Коњари, се сомничи за „прикривање“ и „фалсификување службена исправа“. Правното лице е пријавено за „прикривање“.
Истрагата опфаќа настани од првото тримесечје на 2022 година. Според СВР Битола, првопријавениот, спротивно на одлуката за отпис од сметководствената евиденција и продажба на основни средства, ситен инвентар и резервни делови како отпадни материјали, со усно одобрение од тогашниот генерален извршен директор добил можност тој да ја спроведе продажбата на отпадот, наместо референтот задолжен за управување со отпад.
Во текот на февруари 2022 година, според пријавата, Љ.Б. со помош на Ј.Д. прикрил најмалку 185.000 килограми отпадно железо од Работната единица Заводи – Мажучиште. Железото, како што се сомнева полицијата, не било евидентирано на сметката на Тутунскиот комбинат, туку било предадено и откупено од фирмата од Мало Коњари по цена повисока за два денари за килограм.
Наместо средствата да бидат уплатени на сметката на Тутунскиот комбинат, биле изготвувани фиктивни откупни белешки за отпадното железо, во просек по околу 25.000 килограми на име на осум физички лица блиски до првопријавениот.
Според полициските наоди, паричните средства биле префрлани на сметки на седум физички лица, како и на личната банкарска сметка на Љ.Б. По подигнувањето на средствата во готово, тие, според сомнежите, му биле предавани на првопријавениот.
На овој начин, на сметките биле префрлени вкупно 3.338.328 денари, за кој износ, според СВР Битола, е оштетен АД „Тутунски комбинат“ – Прилеп.
Од друга страна, фирмата од село Мало Коњари на Тутунскиот комбинат му исплатила вкупно 1.274.560 денари по основ на продажбата на отпадното железо.

Македонски


