Skip to main content

Само сонот е стварност – почнува МакеДокс

МакеДокс

Од денес почнува седумдневниот Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ којшто ќе се одржува во Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албанскиот театар во Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен во 20:30 часот, во Куршумли ан со проекција на краткиот филм „Цвеќињата стојат молкум, сведочат“ на Тео Панагопулос и долгометражниот документарец „Кон запад, во Запата“ на Дејвид Бим.

Фестивалското мото „Само сонот е стварност“ е наслов на песна од Тин Ујевиќ, но и на книга на една од нашите најзначајни македонски филмолози и филмски критичарки, Илинденка Петрушева (1944-2025).

Специјалниот настан посветен на Петрушева со наслов „Така пишуваше Илинка“ ќе се одржи на 22 август, во 19 часот, во Сули ан. Во нејзин спомен ќе се одржи и разговор за филмот со некои од нејзините најблиски соработници и наследници на нејзиното дело, а разговорот ќе биде проследен со проекција на краткометражниот филм „Кино Мортус“ во режија на Ивана Цветковска и продукција на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Земја во фокус годинава е Шпанија со избор од најавтентичните и највозбудливите остварувања на тамошната современа документарна сцена. Програмата ќе вклучи и избор на кратки документарни филмови од Канарските Острови и експериментални краткометражни дела од Перу.

Програмата ќе ја отвори „Амилкар“ на режисерот Мигел Еек, заедно со краткометражниот „Роење птици“ на Ксавиер Марадес на 21 август, во 21 часот, во Куршумли ан.

Покрај филмската програма, на 17. „МакеДокс“ ќе се одржат две панел-дискусии.