
Македонскиот долгометражен игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ вчеравечер (17.08.2026) премиерно беше прикажан пред преполната сала во Народно позориште Сарајево, во рамките на 32. издание на Интернационалниот Филмски Фестивал во Сараево. Оваа регионална премиера го означи официјалниот почеток на трката на филмот за престижната награда „Срцето на Сараево“ во главната натпреварувачка програма за долгометражен игран филм.

Интернационалниот Филмски Фестивал во Сараево важи за еден од најважните културни настани во Југоисточна Европа и клучна платформа за промоција на регионалната кинематографија на глобално ниво. Секое лето, фестивалот привлекува над 100.000 посетители, филмски професионалци и критичари од целиот свет, а учеството во неговата главна натпреварувачка програма претставува една од највисоките потврди за уметничкиот квалитет на еден филм.

Филмот „17“ е дел од престижната селекција од само девет долгометражни остварувања во натпреварувачката програма. Селекторката на програмата, Елма Татарагиќ, истакна дека дури шест од нив се режирани од жени, што сведочи за сè посилниот женски авторски глас кој ја обликува иднината на филмот во регионот. Во оваа исклучително силна конкуренција, „17“ влегува во трка за наградите „Срцето на Сараево“ (Srce Sarajeva) за најдобар филм, најдобра режија, како и за наградите за најдобра актерка и актер. Ова претставува уште еден огромен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена, потврдувајќи ја водечката улога на новата генерација македонски авторки кои со храбри и автентични приказни освојуваат клучни светски фестивали.
Годинава, за добитниците на „Срцето на Сараево“ одлучува реномирано меѓународно жири предводено од британската актерка Емили Вотсон (Emily Watson), во чиј состав влегуваат и хрватскиот режисер Игор Безиновиќ, македонската актерка Сара Климоска, директорот на Европската филмска академија Матис Вутер Нол и грчката режисерка Атина Рахел Цангари.

Премиерата во Сараево е продолжение на успешната фестивалска турнеја на „17“. По светската премиера на Берлинале, каде што „17“ стана првиот македонски дебитантски игран филм во изминатите 26 години селектиран во официјална конкуренција, филмот беше дел од официјалните програми на фестивали во Хонг Конг, Уругвај, Италија, Полска, Словачка, и Шпанија и Израел, каде што неодамна ја освои и престижната GWFF награда за најдобар дебитантски филм на Ерусалимскиот филмски фестивал.
На премиерната проекција во Сараево присуствуваше дел од екипата зад и пред камерата, меѓу кои режисерката Косара Митиќ, актерките и актерите Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ана Стојановска и Петар Маниќ, главниот продуцент Томи Салковски („Црна Мачка Продукција“), копродуцентите Владо Булајиќ и Лија Погачник („Децембер“, Словенија) и Мирослав Могоровиќ („Арт&Попкорн“, Србија), како и членови на интернационалниот авторски тим.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.
Главните улоги во ова остварување ги толкуваат младите и исклучително талентирани актерки Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а актерската екипа ја сочинуваат и Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Даме Јовески, Петар Маниќ, Јован Тодоров, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Мина Јелушиќ, Луна Бејков, Алина Христовска, Христијан Ристески, Тодор Стојковски и Иво Јездиќ.

Авторска екипа
Режисер: Косара Митиќ; Сценарист: Косара Митиќ, Огњен Свиличиќ; Продуцент: Томи Салковски („Црна Мачка Продукција“); Копродуценти: Мирослав Могоровиќ („Арт&Попкорн“), Владо Булајиќ, Лија Погачник („Децембер“); Кинематографер: Наум Доксевски; Монтажер: Владимир Павловски; Сценографи: Дејан Ѓошевски, Александра Чевреска; Костимограф: Жаклина Крстевска Караѓозоска; Шминка и фризура: Анѓела Стојановиќ, Карла Лазиќ; Дизајн на звук: Аљаж Лукан.

Македонски


