Skip to main content

Мицкоски од Чешиново-Облешево: Развојот на секоја општина значи подобра иднина за граѓаните

За мене претставува навистина задоволство кога можам да бидам дел од убави проекти коишто се реализираат и случуваат и во помалубројни општини, како што е општината Чешиново-Облешево. Му честитам на градоначалникот за посветената работа. И, се разбира, заеднички, со поддршка од Владата, во периодот којшто следи, ќе реализираме уште многу проекти коишто се приоритет на граѓаните на оваа општина. Прекрасна општина, прекрасни луѓе. Сега, додека шетавме по оваа новоасфалтирана улица, разговаравме и за приоритетите во периодот којшто следи. Самиот тој во својата изјава кажа дека подготвува дел од проектите. Јас би го охрабрил, еве вака јавно, што побрзо да ги спремат проектите, затоа што следната година како Влада планираме нов повик со којшто од централниот буџет ќе финансираме проекти кон локалната самоуправа, кон општините.

Нешто што ќе биде континуитет на она коешто го започнавме од првиот момент кога бевме избрани како Влада. Така што и тоа ќе биде една додадена вредност врз квалитетот на животот на граѓаните во оваа прекрасна општина. И исто така, конечно да се реши, би рекол, она прашање коешто останува нерешено, а тоа е водоснабдувањето во голем дел од населените места. Ние очекуваме, а веќе е извесно во реформската агенда да добиеме топ-ап или додаток на оние седумстотини и педесет милиони евра коишто претходно ги добивме. Знаете таму структурата каква е: една третина е ликвидност во буџетот, една третина е грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, а третата третина е евтин кредит којшто започнува да се исплаќа од 2035 година.

Очекуваме да добиеме значајна сума во тој додаток и еден од приоритетните проекти ќе биде токму овој за којшто зборувавме денес со градоначалникот, а во меѓувреме тој ќе продолжи да ги развива проектите и, ако треба, и од централната власт ќе има дополнителна поддршка. Така што тој проект мора да се случи и ќе се случи. Ние ќе го ставиме во индикативната листа како приоритет на Владата, според онаа динамика којашто ја имаме од Европската Унија. Конечното одобрување на таа листа треба да се случи во првата половина од следната година. Така што, уште еднаш му честитам на градоначалникот, прави навистина одлична работа.

Му честитам и сакам да им се заблагодарам на советниците коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, да им се заблагодарам на пратениците коишто доаѓаат од овој регион, коишто се борат за проект повеќе, а ние како Влада ќе продолжиме и понатаму да го испорачуваме тоа што им е потребно на граѓаните.Сакам да ви се заблагодарам и на вас, медиумите, што секогаш сте тука кога промовираме нешто коешто претставува додадена вредност за квалитетот на животот на граѓаните. објавува Журнал.мк

Поврзани вести