Skip to main content

Близу 90 библиотеки се пријавија на јавниот повик на „Матица македонска“: 35 книги ќе добие училишна библиотека во Неготино

Донацијата на „Матица македонска“ во рамките на програмата „Зад датумот: Овој Илинден, Македонија се чита“ ќе им биде достапна на околу 500 средношколци

Близу 90 библиотеки се пријавија на јавниот повик на „Матица македонска“ „Каде недостигаат книги за Македонија?“, објавен во рамките на програмата „Зад датумот: Овој Илинден, Македонија се чита“, а и по повод 35 години самостојна Македонија и од основањето на издавачката куќа.

По разгледувањето на пристигнатите пријави, донесена е одлука донацијата од 35 книги да ѝ биде доделена на Училишната библиотека при СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино.

Големиот одѕив на јавниот повик ја потврди потребата што беше и неговата појдовна точка: книгата и натаму има свое незаменливо место во библиотеките и меѓу читателите, но во многу средини е неопходно книжните фондови постојано да се обновуваат и збогатуваат со нови и релевантни изданија.

Избраната училишна библиотека ја користат околу 500 ученици на возраст од 15 до 19 години, како и наставниот кадар на училиштето. Во пријавата е посочено дека дел од постојниот книжен фонд е застарен, а голем број книги се оштетени од долгогодишна употреба. И покрај континуираните заложби за набавување нови изданија, особено на училишните лектири, библиотеката има потреба од понова литература што ќе биде поблиска до интересите на младите и ќе создава дополнителен поттик за читање.

Како особено потребни се издвоени македонската книжевност за младите читатели, книги за македонската историја, јазик и фолклор, содржински и визуелно привлечни за средношколската возраст, како и нови изданија на училишни лектири.

Токму можноста книгите да стигнат до голем број млади читатели беше меѓу значајните причини донацијата овојпат да биде насочена кон библиотеката на СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино.

„Матица македонска“ изразува искрена благодарност до сите библиотеки што се пријавија на јавниот повик. Близу 90 пристигнати пријави не се само бројка, туку сведоштво за секојдневната работа на библиотекарите, наставниците и другите посветени луѓе што ја чуваат книгата блиску до читателот.

Истовремено, толку големиот интерес укажува и на поширока потреба: во многу библиотеки недостигаат нови книги, а зад секоја од нив стојат читатели до кои тие треба да стигнат. Затоа, за „Матица македонска“, сите пристигнати пријави претставуваат драгоцено сведоштво за состојбите и потребите на библиотечните средини.

Во наредниот период, во Училишната библиотека при СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино ќе пристигне изборот од 35 изданија на „Матица македонска“, со дела што ќе овозможат нови средби со македонската книжевност, јазик, култура и историја.

Јавниот повик беше осмислен како еден од начините одбележувањето на Илинден и на 35-годишниот јубилеј на „Матица македонска“ што се чествува во текот на целата година да не бидат само навраќање кон изминатото, туку и вложување во иднината на читањето.

Поврзани вести