
Целосно е затворена финансиската конструкција за изградбата на третата делница од источниот железнички крак на Коридорот 8 кон Бугарија. За реализација на проектот обезбедени се 149,2 милиони евра грант и дополнителни 350 милиони евра поволни кредити од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Грантот од 149,2 милиони евра, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, е најголемиот грант што досега го добила Македонија и претставува околу 30 проценти од потребните средства за проектот.
Кредитниот пакет е поделен меѓу двете европски финансиски институции, од кои секоја обезбедува по 175 милиони евра.
Со обезбедувањето на средствата, проектот влегува во нова фаза, а следниот клучен чекор е изборот на изведувач за третата делница. Според најавите на Министерството за транспорт, постапката треба да биде завршена до крајот на годинава.
Првата делница од железничката пруга кон Бугарија веќе е завршена, додека изградбата на втората делница е во тек и се очекува да заврши до крајот на 2028 година.
Третата делница, која треба да ја заокружи македонската страна од источниот железнички крак на Коридорот 8, го опфаќа и тунелот кон бугарската граница. Со изборот на изведувач треба да се создадат услови за продолжување на работите и на овој дел од трасата.
„Имаме 149,2 милиони евра грант, што е најголем грант што државата било кога го добила, или околу 30-тина проценти од вкупната сума која што е потребна. Имаме 350 милиони евра меки кредити, по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој“, изјави Николоски.
Тој посочи дека во изминатите две години проектот од состојба во која реализацијата била прекината кај тунелот, а односите со Бугарија биле оптоварени со политички несогласувања, стигнал до фаза во која има обезбедено финансирање и потпишан договор со бугарската страна.
Целта, како што наведе, е Коридорот 8 да се реализира како инфраструктурен проект со конкретни рокови и обезбедено финансирање.
Доколку и бугарската страна продолжи со реализацијата со соодветна динамика, очекувањата се железничкото поврзување од Скопје преку Софија до Варна и Бургас да биде воспоставено до 2032 година.
Источниот железнички крак на Коридорот 8 е еден од клучните инфраструктурни проекти за поврзување на Македонија со Бугарија и понатаму со европската транспортна мрежа, а неговата целосна реализација треба да овозможи директна железничка врска меѓу Скопје и бугарските црноморски пристаништа.

Македонски


