Skip to main content
Миљана Драгичевиќ, хрватска продуцентка

Во Македонија досега сум работела на повеќе проекти и секогаш од тие соработки произлегувале добри филмови и прекрасни пријателства

MINYА Film i Animacija е независна хрватска продукциска куќа специјализирана за производство на висококвалитетна анимирана содржина, филмови и телевизиска програма. Основана од страна на креативната продуцентка Миљана Драгичевиќ, која има долгогодишно искуство во областа на анимацијата и меѓународните копродукции. 

Таа се јавува како копродуцент на македонскиот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“.

Серијалот сликовници „Лефти и Рајти“ на македонската авторка Наташа Дукоска, каде главни протагонисти се белата блузичка Лефти и маслинестите панталони Рајти, претставува еден од најуспешните современи македонски проекти за деца. Преку прекрасните илустрации на Хари Дудески, овие „облеки што зборуваат“ брзо ја освоија детската љубопитност и фантазија.

Сликовниците доживеаја успешни независни театарски адаптации (како претставата во „Јавна соба“), каде децата во живо ја следеа мисијата за спасување на облеките.

Со Македонија досега сум работела на повеќе проекти и секогаш од тие соработки произлегувале добри филмови и прекрасни пријателства. Драго ми е што сум дел од проектот „Лефти и Рајти“, кој, иако е дебитантски филм, има приказна што ветува, која веднаш ја препознавме, вели Драгичевиќ.

Овој силен книжевен темел е главната причина зошто проектот привлече меѓународни копродуценти како Миљана Драгичевиќ, трансформирајќи ја првата приказна во долгоочекуваниот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“.

Во „Лефти и Рајти“ мене најмногу ме привлече приказната, за која што сметам дека е потребна. Значи едукација, визуелизациите се интересни. Ние повеќе ќе делуваме во делот на постпродукција, занимавајќи се со некои помали делови од анимацијата, звукот и музиката и со композитинг.

Анимираниот краток филм „Лефти и Рајти“ во режија на Илија Тодоровски ги спојува некои од најпознатите македонски актерски имиња кои со својот глас и харизма ги оживуваат омилените парчиња облека. Синхронизацијата е направена со многу енергија за да им се пренесе препознатливиот карактер на ликовите од сликовниците на најмладата публика.

Јелена Јованова (Лефти) ја синхронизира главната хероина – симпатичната бела блузичка Лефти. За актерката ова е исклучително благороден проект бидејќи и самата е мајка и често ужива во детски цртани филмови. Гораст Цветковски (Рајти)- неговиот глас му припаѓа на Рајти – маслинестите панталони со платка кои постојано одат во авантури заедно со Лефти. Изабела Јакимова (Јакната Јасна) го позајмува гласот за еден од покарактеристичните придружни ликови на облека во филмот, Ева Скендеровска (Дреска) учествува во екипата како гласот зад ликот Дреска и Тања Кочовска (Наратор)- нејзиниот препознатлив и топол глас ја води публиката низ целата приказна, поврзувајќи ги авантурите на главните ликови.

Драгичевиќ посочува дека соработката со македонски автори и продуценти за неа не е новост. Нејзиното вклучување во овој македонски проект претставува значаен мост за културна соработка меѓу Хрватска и Македонија. Иако се работи за дебитантски филм, Драгичевиќ веднаш ја препознала приказната како топла, вредна и потребна за филмското платно.

Хрватска има многу добро развиена сцена за анимиран филм. ХАВЦ редовно издвојува посебен буџет за овие филмови, а во Загреб се одржува и Анимафест, еден од најзначајните и најреномираните фестивали на анимиран филм во светот, со долгогодишна традиција и силна меѓународна програма.

Според неа, Македонија има простор за значително поголем развој на анимираниот филм, а токму меѓународните соработки можат да бидат еден од клучните начини за негово унапредување.

За да се развие овој жанр уште повеќе, категоријата анимиран филм треба да биде застапена во сите релевантни конкурси како редовна категорија, но потребна е и поголема разновидност во однос на возрасните групи и поджанровите.

“Лефти и Рајти си најдоа дом” е македонски анимиран филм во фаза на продукција, кој покрај поддршката од Агенцијата за филм на Република Македонија, доби поддршка и од Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ). Филмот се очекува да ја има својата премиера во Скопје кон крајот на ноември.

Таа деновиве е гостинка на Флипбук филм фестивал, каде го гостува со анимираниот филм „Во трњето нема ѕвезди“ („Sky of Thorns“), на авторките Антонија Клариќ и Луна Стрмотиќ, во продукција на MINYA Film i Animacija.

Подготви: Невена Поповска

фото приватна архива

Поврзани вести