Skip to main content

Вечер на харфата на „Охридско лето“ со Алиса Садикова

Програмата на 66-то издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со содржина од музичката програма и целовечерен концерт на младата и светски афирмирана харфистка Алиса Садикова.

Алиса Садикова е редок пример на исклучително талентирана харфистка, чиј уметнички развој е забележлив уште од најраната возраст, кога го започнува својот настап на светската музичка сцена.

Родена е во Санкт Петербург, каде што започнува да учи харфа во класата на Карина Малеева во Специјалното училиште за талентирани деца при Конзерваториумот „Н. Римски-Корсаков“. Образованието го продолжува како стипендист на Фондацијата „Салви“ во школата „Кембриџ музика мунди“ во Белгија, во класата на Кетрин Мишел, а потоа и на престижната „Џулијард“ во САД, каде што дипломира во 2025 година. Во моментов е на постдипломски студии во класата на Ненси Ален на „Џулијард“, со стипендија од Фондацијата „Ковнер“.

Нејзината меѓународна кариера започнува во 2010 година, кога како победник на првиот натпревар на кој настапила, добива можност да настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк и да реализира турнеја со десет концерти низ САД. На само 10-годишна возраст дебитира како солист со оркестар под диригентската палка на Владимир Спиваков.

Еден од позначајните настапи на Садикова е оној во 2025 година, кога настапува во Операта во Тел Авив како солист со оркестарот под диригентство на Константин Орбелијан. Воедно, таа е најмладата полуфиналистка на Израелскиот меѓународен натпревар за харфисти во 2018 година.

Во нејзината биографија се впишани повеќе од 20 први награди од меѓународни натпревари, со што се вбројува меѓу најнаградуваните млади харфистки. Меѓу признанијата се две награди од Скандинавскиот натпревар за инструменталисти во 2023 година, награда на Меѓународниот натпревар „Клара Шуман“, наградата „Јури Темирканов“ во 2012 година и признанието „Млад талент на Русија“ во 2018 година.

Како солист, Садикова настапува во повеќе од 25 земји во светот, со оркестри и на рецитали во престижни концертни сали, меѓу кои Виенската државна опера и минхенскиот „Гастајг“. Таа била специјална гостинка и на Светските конгреси на харфисти во Сиднеј во 2014 и во Хонг Конг во 2017 година.

Нејзината уметничка дејност не е ограничена само на класичната музичка сцена. Садикова настапувала и на светската турнеја со Сара Брајтман, а има издадено пет албуми, меѓу кои и соло албумот „Соѕвездие на харфата“.

Нејзините настапи добиваат високи оценки од стручната музичка критика, а Садикова е амбасадор и официјален уметник на производителите на харфи „Лион и Хили“ и на Фондацијата „Салви“, што дополнително го потврдува нејзиното место меѓу најзначајните млади имиња во светот на харфата.

За концертот е резервирана прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот, а на програмата се избрани дела на Бах, Дебиси, Чајковски, Посе, Шопен, Сметана.

Поврзани вести