Skip to main content

Бугарија се сомнева дека Русија стои зад нападите со дронови врз бродови во Црно Море: два потонати брода, 11 морнари исчезнати

Фото: ian Yates on Unsplash

Бугарските власти денеска соопштија дека Русија веројатно стои зад нападите со дронови врз трговски бродови во Црно Море, но признаа дека засега немаат докази со кои би можеле да ја потврдат одговорноста на Москва. Во текот на изминатата недела погодени се четири брода, од кои два потонаа, а 11 морнари сè уште се водат како исчезнати.

Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по исчезнатите членови на екипажот, откако во вторникот два брода беа нападнати со дронови во бугарската ексклузивна економска зона и во соседните води.

Едниот брод пловел под знамето на Гвинеја-Бисао, додека другиот е во украинска сопственост, регистриран во Одеса и пловел под знамето на Малта.

„Нема логика Украина да ги напаѓа сопствените бродови и екипажи, имајќи предвид дека исходот од сите овие напади ѝ оди во прилог на Русија. Навистина, логиката води во таа насока. Проблемот е што не можеме да го докажеме тоа“, изјави бугарскиот премиер Румен Радев во парламентот.

Радев во вторникот ја повика на разговор руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова. Таа rekla дека нема никакви информации од руското Министерство за одбрана за нападите, но не ја исклучила можноста тие да претставуваат провокација од трета страна.

Спасени пет морнари, 11 сè уште се исчезнати

Товарниот брод „Дигнити“, кој пловеше под знамето на Гвинеја-Бисао, потона во вторникот откако беше погоден со дронови.

Четворица морнари, тројца сириски и еден египетски државјанин, се спасени и пристигнаa во пристаништето Варна, соопшти регионалниот гувернер Марио Смарков.

„Сите четворица изгледаа во релативно добра состојба и немаа повреди“, изјави Смарков, додавајќи дека се очекува и петтиот спасен морнар да пристигне во текот на денот.

Тој потврди дека потрагата по 11 исчезнати члена на екипажот продолжува.

Бугарија бара помош од НАТО

Бугарија побара меѓународна помош за истрагата за нападите врз трговските бродови, како и поддршка од НАТО за зајакнување на системите за надзор, контрола и одбрана од дронови.

Бугарската претседателка Илијана Јотова повика на итен прекин на непријателствата во Црно Море и воведување мораториум на нападите со дронови врз трговската и цивилната инфраструктура.

„Овие напади без преседан покажуваат дека војната стигна до Црно Море и дека конфликтот се интензивира“, изјави Јотова во телевизиско интервју.

Таа посочи дека, поради зголемените ризици во црноморскиот регион, Бугарија презела координирани чекори со Романија и Турција.

„Целта е воведување мораториум на употребата на дронови над Црно Море против трговската и цивилната инфраструктура, како и запирање на непријателствата над морето“, рече бугарската претседателка.

Нападите предизвикаа загриженост и во НАТО и во Европската Унија. Генералниот секретар на НАТО Марк Руте најави продолжување на соработката со сојузниците во црноморскиот регион, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен ги осуди нападите врз трговските бродови во близина на бугарскиот брег.

Одговорноста за нападите сè уште не е независно утврдена. Украина директно ја обвинува Русија, додека бугарските власти нагласуваат дека нивните сомневања засега не се поткрепени со конечни докази.

Поврзани вести