
Во рамките на Делчевското културно лето во салата од Спомен-дом АСНОМ, се одржи промоција на графички роман – стрип со наслов „Беше еднаш на истокот“ од авторот Бобан Пешов, виничанец кој живее и работи во Италија. Романот е во издание на „Бункер“ кој веќе постигна голем успех на италијанскиот стрип-пазар.
Во „Беше еднаш на Истокот“, авторот нè враќа во деведесеттите години на минатиот век, додека една држава се распаѓа, а насекаде никнуваат граници. Период во кој полека се појавуваат првите „транзициски херои“, едно семејство од Македонија го бара патот во подобра иднина. Ова е само рамка во која е сместена приказната на графичкиот роман. Во него Бобан нè води во едно чудесно меѓугенерациско патување, помеѓу минатото и сегашноста, Истокот и Западот, различните национални идентитети. Македонија и Италија.

Авторот Бобан Пешов е роден во 1988 година, а во 1996 г се преселува во Италија каде што завршува основно, средно и високо образование. Соработува со познати личности од италијанската уметничка сцена, а во 2025 година го објавува својот прв самостоен графички роман „Беше еднаш на Истокот“ со кој постигнува голем успех. Првиот тираж е продаден за само неколку денови, а делото доби бројни номинации за награди на најпрестижните стрип-фестивали.
Стрипот е мојот омилен медиум, совршена алатка за раскажување на една целосна приказна, каде што емоциите се пренесуваат преку синергија помеѓу пишувањето и цртежот. Создавањето книга прави да се чувствувам како режисер, го проучувам секој кадар поединечно за да ја направам сценографијата нинтересна, истакна Пешов.

Промоцијата беше во организација на Јавната локална библиотека „Илинден“ и Општина Делчево, а како што истакнаа организаторите – ова не е само промоција на едно ново дело, ова е отворање на едно ново поглавје во културниот живот на нашата библиотека.
сСтрипот како што потенцираа организаторите одамна не е само забава, туку моќна уметност што раскажува приказни кои долго остануваат во сеќавање.

Македонски


