Skip to main content

„Ideale“ – концертна вечер во Битола со двајца истакнати македонски музички уметници

На 15 август, со почеток во 20:00 часот, во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи концертот „Ideale“, на кој пред публиката ќе настапат македонскиот бас-баритон Иван Наумовски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска.

Битолската публика ќе има можност да ужива во внимателно избрана концертна програма која опфаќа дела од Антон Рубинштајн, Петар Илич Чајковски, Александар Даргомижски, Роберт Штолц, Јохан Штраус, Франц Шуберт, Франческо Паоло Тости и Жак Ибер, како и композиции инспирирани од македонската народна музичка традиција. Концертот го носи името на композицијата „Ideale“ од Тости, која исто така е дел од програмата.

Иван Наумовски е македонски бас-баритон и доцент по соло пеење на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје. Своето образование го продолжил во Австрија, каде магистрирал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац, а вторите мастер студии ги завршил во областа Lied und Oratorium на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена.

Во својата богата меѓународна кариера Наумовски настапувал на концертни и оперски сцени во Македонија, Австрија, САД, Германија, Франција, Италија, Чешка, Норвешка и Србија, а во 2025 година дебитирал и во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена.

На пијано ќе го придружува Елена Атанасовска-Ивановска, една од афирмираните македонски уметници, која зад себе има бројни солистички и камерни настапи во Македонија и во странство, меѓу кои во Шпанија, Италија, Португалија, Русија, САД, Грција, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Косово.

Атанасовска-Ивановска настапувала и како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, а денес е вонреден професор на Катедрата по клавишни инструменти при Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Концертот „Ideale“ е можност љубителите на класичната музика во Битола да проследат концертна вечер со двајца истакнати македонски музички уметници.

Поврзани вести