
Германскиот Совет за национална безбедност одржa седница по инцидентот во кој на аеродромот Лајпциг/Хале беше пронајден дрон со експлозивна направа, додека истрагата, поради значењето на случајот, ја презеде Сојузното државно обвинителство.
Со седницата претседаваше германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој се наоѓа на одмор, а портпаролот на Владата, Штефан Корнелиус, соопшти дека канцеларот е во постојан контакт со министерот за внатрешни работи, Александер Добринт, и со другите членови на сојузната влада, јави Дојче веле.
Дронот бил откриен ноќта меѓу вторникот и средата во обезбедениот дел од товарната зона на аеродромот Лајпциг/Хале, каде што експерти на Сојузната полиција ја деактивирале експлозивната направа прикачена на леталото.
Според германскиот магазин „Шпигел“, дронот доцна во вторникот го забележал возач на аеродромски автобус, кој видел како лета ниско во близина на украинскиот транспортен авион „Антонов Ан-124“.
Од безбедносните служби наведуваат дека на дронот биле прикачени околу половина килограм пластичен експлозив семтекс, кој се користи и за воени и за комерцијални цели.
Во моментот на инцидентот на аеродромот се наоѓале повеќе украински товарни авиони.
Аеродромот Лајпциг/Хале е едно од најважните европски товарни воздухопловни јазли и се користи како логистички центар за испорака на воена помош за Украина.
Сојузното државно обвинителство ја презеде истрагата, оценувајќи дека станува збор за предмет од „особено значење“ и предупреди на можен обид за загрозување на националната безбедност.
Украинската авиокомпанија „Антонов“ од 2006 година има база за одржување на аеродромот Лајпциг/Хале, а по почетокот на војната во Украина целата своја флота ја префрли на овој аеродром.
Според „Шпигел“, авионите на „Антонов“ повремено се користат и за транспорт на оружје за потребите на НАТО, германскиот Бундесвер и Украина.

Македонски


