Skip to main content

Промовирана книгата „Охридска книжевна школа“ од проф. д-р Димитар Пандев

Во рамки на свечената програма на Општина Охрид по повод јубилеите – 1110 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски и 1140 години од основањето на Охридската книжевна школа, во црквата „Света Софија“ беше промовирано делото „Охридска книжевна школа“ од авторот проф. д-р Димитар Пандев.

Книгата е издание на Општина Охрид, во рамки на едицијата „Охридско книжевно наследство“. Делото е отпечатено во тираж од 200 примероци и содржи 300 страници посветени на значењето на Охридската книжевна школа и нејзината улога во развојот на словенската писменост, духовност и култура.

Промотори на книгата беа проф. д-р Бобан Крапејовски и м-р Перчо Божиновски, кои се осврнаа на научното значење на делото и на придонесот на авторот проф. д-р Димитар Пандев во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, книжевност и културно наследство.

Свое обраќање имаше и уредникот на едицијата „Охридско книжевно наследство“, Митре Велјаноски и авторот на книгата, проф. д-р Димитар Пандев, кои упатија благодарност за континуираната посветеност на Општина Охрид на литературното творештво.

Во рамки на програмата настапи црковниот хор „Акордис“ со „Радосници на Свети Климент и Пантелејмон“, во аранжман на м-р Гоце Ристески, а свој настап имаа и Детскиот хор „Плаошник“ и актерот Владо Дојчиноски со монологот „Деца на Климента“.

Поврзани вести