
Податокот што денеска го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска е многу повеќе од статистика за почетокот на новата учебна година. Годинава се запишале околу 4.900 помалку првачиња отколку лани – зад ова се крие јасен показател дека демографските промени во Македонија веќе директно се одразуваат врз образовниот систем. Иако бројот на запишани ученици сè уште не е конечен, бидејќи уписите продолжуваат, министерката изјави дека и во најоптимистичкото сценарио разликата ќе биде најмалку 3.000 ученици. Дополнително загрижува и нејзината оценка дека истиот тренд се очекува и следната година.
Тоа значи дека не станува збор за еднократно намалување, туку за процес кој веќе станува видлив во училиштата. Со години статистичките извештаи предупредуваа на пад на наталитетот и иселување на младит. Но бројот на првачиња денес е првиот конкретен показател како тие процеси влијаат врз институциите. Веќе не зборуваме само дека ни избегаа младите, сега веќе ги сумираме последиците од нивното заминување.
Помал број првачиња денес значи дека за неколку години ќе има помалку ученици во предметната настава, потоа помалку средношколци, а подоцна и помал број матуранти, студенти и млади луѓе кои ќе влегуваат на пазарот на трудот. Затоа ваквите податоци одамна не се само образовна статистика, туку индикатор за идните демографски и економски движења во државата.
Впечатлива е и внатрешната миграција. Од една страна, Министерството за образование најавува дека едносменска настава веќе е воведена во повеќе од 200 училишта, како на пример во Кавадарци, Прилеп, Битола, Штип и Ѓорче Петров. Од друга страна, Скопје останува најголем предизвик поради недостиг на училници и потреба од доградба на училиштата. Тоа покажува дека демографските движења не се еднакви насекаде. Градовите изумираат. Дел од внатрешноста се соочува со намален број ученици, а во училиштата главниот град се бара место плус. Скопје и понатаму привлекува население од останатите општини.
Падот на бројот на првачиња е дел од поширок демографски процес што ќе има последици не само за образовниот систем, туку и за економијата, пазарот на трудот и развојот на државата во наредните години. Колку генерациите што влегуваат во училиштата се помали, толку помал ќе биде и бројот на идни работници, даночни обврзници и носители на економскиот развој. Македонија допрва ќе ги почувствува последиците од купените авионски билети во еден правец.
Изјавата на министерката отвора многу пошироко прашање од организацијата на новата учебна година – дали Македонија е подготвена за последиците од демографските промени кои веќе не се гледаат само во статистичките извештаи, туку и во училишните клупи.

Македонски


