
Драмски театар Скопје на 8 октомври (петок) во 20 часот на големата сцена „Ристо Стефановски“ премиерно ќе ја праизведе „Алиса се враќа дома“, нов македонски драмски текст на Ивана Смилевска, а во режија на Моника Ставревска. Ова е дипломска претстава на Ставревска, студентка на професорката Зоја Бузалковска на Факлтетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје.
На денешната прес-конференција Ставревска се заблагодари на можноста дипломската претстава да ја работи со актери од Драмскиот театар Скопје, а во поделата на улогите, освен членови на ансамблот на Драмски и млади актерки од ФДУ.
Инспирирана од светот на Луис Карол и „Алиса во земјата на чудата“, „Алиса се враќа дома“ е современа антибајка за моќта, послушноста, индивидуалната одговорност и бунтот, но и за опасно краткиот пат по кој отпорот може да почне да личи на системот против кој се кренал.
Ова не е Алиса од Луис Карол. Неговата приказна ни беше инспирација, вратата низ која влеговме, но претставата оди на друго место. Ликовите се оние што ги паметиме од детството, само што сега ги среќаваме во поинакви околности, во свет што ни е познат повеќе отколку што би сакале. Нашата Алиса не е девојче. Таа е возрасна жена. Веќе добро ги препознава правилата според кои функционира светот и токму затоа одбива да учествува во нив. Тука се отвори и едно важно сознание: Зајачката Дупка не исчезнува кога ќе пораснеме, вели режисерката Ставревска.
Според неа, сите имаме своја Зајачка Дупка. Таа не е мистичен, неоткриен простор, туку состојба. Вртлог во кој паѓаме кога светот ќе стане претежок, кога ќе се умориме борејќи се, кога ќе се откажеме.
Прво нè плаши. Потоа се навикнуваме. Полека станува безбедна, удобна, наша. А најопасна е токму тогаш: кога самите ќе се откажеме од себе и тоа ќе го наречеме мир. И што треба тогаш да направиме? Да побараме малку… одговорност?, вели Ставревска.
Авторката на текстот Ивана Смилевска ја зема Зајачката Дупка и ја претвора во метафора за просторот во кој ги потиснуваме стравовите, желбите, надежите и копнежите, но и за вечниот судир меѓу моќта и слободата.
Што ќе се случи ако ѝ се препуштиме на својата дупка? Дали ќе нè проголта? А ако ја искористиме моќта за да стигнеме до слободата, каква слобода ќе создадеме?“, прашува Смилевска.
Одговорот не го нуди како порака, туку како непозната во равенката: „Во оваа равенка, непознатото што го бараме е одговорноста.“
Соња Стамболџиоска го толкува ликот на Алиса.

Сите сме ја читале „Алиса во џемјата на чудата“ и тој свет секогаш е интересен за нас. Но, јас со оваа претстава гледам дека малку живееме во светот на чудата. А што се чудата? Што е моќта, што е идентитетот, што е одговорноста? Кога треба да преземеш, што е твоето место во светот, дали кога се бунтуваш против наметнатите вредности? Што е бунтот? Дали треба да седиш во некои илузии или да преземеш лична одговорност која ја бараш од другите? Има многу теми за коишто се зборува во претставата, кажа на денешната прес-конференција Стамболџиоска.
Биљана Драгиќевиќ-Пројковска го толкува ликот на Црвената Кралица. Во нејзиното читање, бајката станува вознемирувачка токму во моментот кога почнуваме да ја препознаваме во реалноста.
Власта им припаѓа на моќните, но светот би требало да им припаѓа на правичните. И токму тука се отвора прашањето: дали приказните навистина се само приказни? Дали доброто секогаш го победува злото, или тоа е нашата потреба да веруваме дека на крајот светот сепак мора да воспостави некаква правда?“, вели Драгиќевиќ-Пројковска.

Во претставата играат: Соња Стамболџиоска во улогата на Алиса, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска како Црвената Кралица, Александар Степанулески како Белиот Зајак, Златко Митрески како Чешит Мачор, Ања Митиќ како Дина, Лазар Христов како Лудиот Шапкар, Филип Трајковиќ како Гасеница, Трајанка Илиева-Вељиќ како Белата Кралица, Ангела Пејковска како Цвета, Нина Елзесер како Ружа, Ирена Димеска како Невена, а Томислав Давидовски и Марјан Наумов во улогите на Твитл Ди и Твитл Дам.
Креативниот тим го сочинуваат Ивана Смилевска – автор, Моника Ставревска – режисер, Александра Бошковска – драматург, Филип Лафазановски – асистент на режисерот, Ненад Тонкин – сценограф, Роза Трајческа – костимограф, Лука Тошев – автор на музиката и Леа Манева – продуцент.
Претставата се реализира во рамки на Годишната програма за работа на Драмскиот театар Скопје за 2026 година, како петта од вкупно седумте претстави предвидени со програмата.
По премиерата на 8 октомври, следните репризни изведби се на 9, 15 и 21 октомври.

Македонски


