
Агенцијата за лекови и медицински средства на Хрватска (ХАЛМЕД) издаде дополнителни појаснувања по суспензијата на БСЖ-вакцината против туберкулоза што им се дава на новороденчињата во Хрватска. Иако четирите пријавени сомнителни случаи на ретко воспаление на коските се поврзани со две серии на вакцини, ХАЛМЕД наведува дека сомнителниот квалитет се однесува на сите серии од тој бугарски производител што биле на пазарот во Хрватска, објави Индекс.хр.
Пријавените несакани реакции се однесуваат на сериите 807-1 и 683-1, кои се користеле за вакцинација во периодот помеѓу третиот квартал од 2023 година и почетокот на 2026 година. ХАЛМЕД нагласува дека родителите на деца кои не покажуваат симптоми не треба да преземаат посебни мерки ниту да ги испраќаат децата на дополнителни испитувања.
ХАЛМЕД, исто така, ги објави броевите на сериите за сите вакцини од производителот „Bul Bio NCIPD“ кои биле на пазарот во Хрватска од 2017 година. Станува збор за сериите 443-1, 464-1, 463-2, 504, 556, 594, 636-2, 683-1, 807-1, 960 и 963-1. Доколку детето примило БСЖ-вакцината од друга серија, тоа значи дека вакцината била од друг производител и не е опфатена со оваа суспензија. Сепак, ХАЛМЕД предупредува дека овој редок несакан ефект може да се појави и кај други БСЖ-вакцината, така што конкретната серија не е одлучувачки фактор за родителите во однос на понатамошните чекори.
Состојбата за која станува збор е остеитис или остеомиелитис – ретко воспаление на коските за кое е познато дека е можен несакан ефект од БСЖ – вакцинацијата. Децата кои ја примиле суспендираната вакцина, а се чувствуваат добро и немаат никакви симптоми, нема потреба да се подложуваат на превентивни рендгенски снимки, ултразвук, магнетна резонанца или други испитувања.
Родителите треба да внимаваат на појава на постојан или постепен оток околу коска или зглоб, болка, ограничена подвижност, куцање или избегнување на потпирање врз раката или ногата. Доколку се појават вакви симптоми, детето треба да се однесе кај педијатар, при што треба да се напомене дека детето ја примило БСЖ-вакцината.
Од ХАЛМЕД објаснуваат дека овој несакан ефект може да се појави дури неколку месеци по вакцинацијата. Според тоа, еднократното снимање на здраво дете не би можело со сигурност да ја исклучи можноста проблемот да се развие подоцна.
Суспензијата на сите серии вакцини од тој производител е воведена како мерка на претпазливост и ќе остане на сила сè додека не заврши истрагата. Во 2026 година, ХАЛМЕД примил четири пријави за сомневање на остеомиелитис по примената на оваа вакцина, додека во периодот меѓу 2005 и 2025 година била примена само една таква пријава поврзана со БСЖ-вакцината.
Вакцините поврзани со овогодишните пријави биле аплицирани во различни здравствени установи; следствено, според ХАЛМЕД, грешка при вакцинацијата се смета за малку веројатна. Бидејќи во моментов не е достапна друга БСЖ-вакцина за новороденчиња, вакцинацијата во породилиштата засега нема да се спроведува.

Македонски


