
Македонските граѓани заработуваат значително помалку од жителите на Европската Унија, но пониските цени на производите и услугите значат дека нивните пари „вредат“ повеќе отколку што покажува само висината на платата, покажува најновата анализа на Евростат. Сепак тоа што денарот вреди повеќе, не ја прави Македонија доволно финансиски моќна да се доближи до европскиот животен стандард.
Кога се споредуваат економиите, висината на платите не ја кажува целата приказна. Подеднакво важно е колку производи и услуги можат да се купат со тие пари. Токму затоа Евростат го користи паритетот на куповната моќ (Purchasing Power Parity – PPP), индикатор што ги елиминира разликите во цените меѓу државите и овозможува пореална споредба на животниот стандард.
Според последните податоци, Македонија останува меѓу европските земји со пониско ценовно ниво. Тоа значи дека за ист износ пари граѓаните можат да купат повеќе производи и услуги отколку во голем број земји од Европската Унија, каде што трошоците за живот се значително повисоки. Сепак, пониските цени не можат целосно да ја надоместат разликата во приходите.
Евростат наведува дека бруто-домашниот производ по жител, пресметан според паритетот на куповната моќ, е еден од најрелевантните показатели за споредба на животниот стандард. За Македонија, овој показател во 2025 година изнесува 43, ако просекот на Европската Унија е поставен на 100. Со други зборови, економското производство по жител, приспособено на разликите во цените, достигнува околу 43 проценти од просекот на ЕУ.
Економистите објаснуваат дека повисоката куповна моќ не значи автоматски и повисок животен стандард. Ако платите се ниски, а цените умерени, граѓаните можеби ќе можат да купат повеќе основни производи отколку што би можеле во поскапи земји, но сепак ќе располагаат со помалку средства за штедење, инвестиции, патувања или поквалитетни услуги.
Во Европската Унија, разликите во цените се големи. Во 2025 година, највисоки цени на стоките и услугите за домаќинствата биле регистрирани во Данска, Ирска и Луксембург, додека најниски имале Бугарија, Романија и Полска. Овие разлики се една од причините зошто Евростат користи паритет на куповната моќ наместо директно да ги споредува платите или БДП во евра.
Податоците покажуваат дека Македонија има предност кога станува збор за пониски трошоци за живот, но истовремено останува далеку зад европскиот просек според економската моќ и приходите. Тоа значи дека, иако парите кај нас можат да купат повеќе отколку што би купиле во многу западноевропски земји, нивниот вкупен износ сè уште не е доволен за значително повисок животен стандард.
Затоа, според економските аналитичари, вистинското подобрување на животниот стандард нема да дојде само преку ниски цени, туку пред сè преку повисоки плати, поголема продуктивност и посилен економски раст.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека опозицијата е разочарана зашто Македонија во однос на куповната моќ е многу подобра од неколку земји на ЕУ и од сите држави во регионот.
За куповната моќ од опозицијата имаше одредени пораки, но и од некои медиуми кои имаат исто мислење со опозицијата. Се водеше плитка кампања која потворно беше демантирана и повторно тие ќе жалат и ќе бидат разочарани зошто Македонија не е најслаба, туку е многу подобра од неколку земји на ЕУ и од сите земји во регионот – истакна денеска Мицкоски
Како што истакна, ако се споредат бројките од пред три-четири години, ќе може да се забележи значаен напредок. Сепак борбата за подобрување на животниот стандард и економска благосостојба на граѓаните продолжува.
Дали е тоа доволно? Не е. Ќе продолжиме да работиме за уште подобро и повеќе. Мотивирани сме како никогаш. Тие ќе продолжат да креираат хистерија на основа на конструкции и лаги, а ние ќе ги засукаме ракавите како што правевме изминатите 25 месеци и ќе продолжиме да работиме посветено за земјата и граѓаните – потенцира премиерот.

Македонски


