Skip to main content

Eкипата на ШК „Прилеп“ триумфираше на квалификациите за Првата женска екипна лига во шах

Во хотел „Сириус“ во Струмица вчера беа одиграни шестото и седмото коло од Втората екипна лига во шах, која заедно со квалификациите за Првата женска екипна лига се одржуваше во периодот од 25 до 31 јули.

На натпреварите присуствуваше и новоизбраниот претседател на Шаховската федерација на Македонија, Дејан Панделевски, кој оствари средба со шахистите, се запозна со дел од учесниците и се информираше за условите во кои се одвиваа натпреварите.

„Особена чест ми е што како претседател на Шаховската федерација имам можност да бидам меѓу вас. Како што гласи девизата на светското шаховско семејство – Gens una sumus – сите сме едно. Ви посакувам успешни партии, фер-плеј и многу нови спортски успеси“, порача Панделевски.

Вчера завршија и квалификациите за Првата женска екипна лига. По шест одиграни кола, првото место го освои екипата на ШК „Прилеп“ од Прилеп, додека второпласирана беше екипата на ШК „Цареви Кули“ од Струмица.

Со остварениот пласман, двете екипи обезбедија право на настап во Првата женска екипна лига, која ќе се одржи од 22 август во хотел „Дипломат“ во Струга.

Шаховската федерација на Македонија им честита на пласираните екипи и им посакува многу успех во претстојните натпревари.

Поврзани вести