Skip to main content

Мицкоски: Очекувам намалување на цената на горивата и стабилизирање на инфлацијата

Премиерот Христијан Мицкоски очекува в понеделник да има надолна корекција на цените на дизелот и на бензините во државава и дополнително стабилизирање на инфлацијата. Порача дека Владата останува на политиката за поддршка на стандардот на граѓаните и зачувување на ценовната стабилност.

Прерано е да зборува, денеска имаме мал скок, вчера цените за брентот се движеа 83, 84 долари за барел, денеска повторно имаме нагорно придвижување, од 87, 88, но далеку под 100. Очекувам веќе в понеделник да имаме надолно нивелирање на цените на бензините и на дизелот. Важно е што како држава остануваме со најевтина цена на дизелот и на безоловниот бензин имајќи предвид дека ова се производи кои се купуваат на берза, односно сите држави ги купуваат од исто место. Нема тука голема мудрост во делот кој е поголем или помал претприемач или поголем или помал државник, само што ние како Влада одлучуваме да се откажеме голем дел од она што некои други држави не го направија, а тоа е акцизи, а се откажавме и од данокот на додадена вредност. Остануваме со таа политика и во периодот што следи очекувам повторно надолно нивелирање на цените – изјави Мицкоски.

Посочи дека намалувањето на акцизите и ДДВ го чинеше буџетот десетици милиони евра, но оти целта беше одржување на ценовната стабилност и обезбедување континуирано снабдување.

Некои држави забранија извоз, ние не забранивме извоз, напротив, останавме со политика граѓаните од другите земји да ги користат нашите бензински пумпи. Нашата политика беше сосема поинаква. Ние не очекувавме, тоа е што е, предизвикот е таков, треба да се бараат решенија, едно по едно се наоѓаат тие решенија и ќе продолжиме активно да ја следиме состојбата – наведе Мицкоски.

Прашан дали има можност да се интервенира кај цените на основните производи, посочи дека очекува дополнително стабилизирање на инфлацијата. Оцени дека има голем број држави со полоши параметри и порача дека Владата ќе продлжи активно да работи во насока на зачувување на ценовната стабилност.

Лично правев анализа и ги споредував јуни 2026-та со јуни 2022-ра, тоа се две слични години затоа што тогаш (2022-ра) почна војната во Украина, а сега е војната во Иран, или во Заливот. Сите светски познавачи велат дека оваа војна има далеку подевастирачки последици за светската економија, особено повеќе како енергетска криза. Ако тогаш сме имале 14,7 проценти инфлација, сега е 3,4 проценти. Ако тогаш прехранбените производи биле над 15 проценти и биле главниот носител, сега тие се со 2,5 проценти. Јас очекувам дополнително стабилизирање во јули – рече Мицкоски.

Анализата на 12 држави од регионот, пак, како што дополни, покажала дека во 2022-та сме биле на осмото место според висината на инфлација, а сега сме на трето. – Пред нас се благо Србија и Албанија, но зад нас се сите останати држави од регионот, од Турција, преку Бугарија, Романија, Грција, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и така натаму. Генерално имаме голем број држави со далеку полоши параметри. Ние ќе продолжиме и понатаму активно да работиме во насока на зачувување на ценовната стабилност – рече Мицкоски.

Поврзани вести