
Министерот за здравство, Сашо Клековски, информираше дека годинава во Македонија се регистрирани четири случаи на маларија, три случаи на денга, еден случај на зика и осум случаи на западнонилска треска, при што апелираше граѓаните што патуваат во ризични подрачја да ги почитуваат препораките за заштита.
По две години без регистрирани случаи на маларија, годинава сите четири случаи се поврзани со патувања во Африка и регионот на Индискиот Океан, поточно на Малдиви и Занзибар. И трите случаи на денга, како и случајот на зика, се поврзани со патувања на Малдиви.
Клековски предупреди дека денгата може да предизвика хеморагична треска, зика е особено ризична за бремените жени, а маларијата во потешките форми може да биде и смртоносна.
Во однос на западнонилската треска, регистрирани се осум случаи, од кои еден е поврзан со патување во Грција, додека за останатите се претпоставува дека се локално стекнати. Најголем дел од заболените се лица на возраст од 60 до 70 години.
Министерот соопшти дека е наложена контрола на спроведената дезинсекција во општините, а кај седум од регистрираните случаи веќе е извршена дополнителна дезинсекција во радиус од 200 метри околу местото на живеење.
Тој потсети дека Институтот за трансфузиона медицина од минатата година стандардно ја тестира даруваната крв за западнонилскиот вирус во периодот од април до октомври, со што се намалува ризикот од пренос преку трансфузија.
На крајот, Клековски ги повика граѓаните да користат средства за заштита од комарци и да бидат особено внимателни при престој во близина на бари, мочуришта и други површини со застоена вода.

Македонски



