
Тренерот на Шкендија, Артим Положани, оцени дека македонскиот вицешампион незаслужено претрпе пораз синоќа на гостувањето во Љубљана од словенечки Браво (1-2) во првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Конференциската лига, најавувајќи максимален пристап на реваншот идниот четврток во Скопје.
Шкендија загуби иако имаше почетно водство откако Красниќи донесе водство од пенал во 11 минута, а во продолжението Браво искористи две грешки во одбраната и со головите на Копатин (19) и Станковиќ (56) дојде до целосен резултатски пресврт во натпревар во кој составот на тренерот Артим Положани не искористи голем број идеални шанси пред противничкиот гол.
„Им честитав на момците за тоа што го одиграа. Мислам дека одигравме одличен натпревар во кој имавме многу шанси против исклучително тактички добро позициониран противник на теренот. Тоа што не функционираше во нашите редови, секако беше завршницата. Сега апсолутно мораме да работиме на овој дел од завршницата бидејќи во европските купови секој гол е исклучително вреден“, изјави Положани на официјалната прес-конференција по натпреварот во Љубљана.
Положани посочи дека шансите на Шкендија за пласман во следната квалификациска рунда не се загубени, најавувајќи максимален пристап на реваншот што е закажан за идниот четврток на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток во 20 часот.
„Во Скопје ќе мораме да дадеме максимум да го добиеме натпреварот. Понекогаш резултатска негатива може да биде од корист во однос на самиот пристап кон натпреварот. Не мислам дека ако резултатот на првиот натпревар беше позитивен за нас немаше да влеземе со максимален пристап на реваншот, но навистина жал ми е за момците затоа што загубовме, иако одигравме одличен натпревар“, додаде Положани.

Македонски


