
Здравствените власти широм светот забрзано работат на пронаоѓање медицински решенија за сузбивање на епидемијата на ебола на истокот од Демократска Република Конго.
Заразата е предизвикана од сојот на вирусот „Бундибуџо“, за кој, за разлика од почестиот сој „Заир“, во моментов не постојат одобрени вакцини ниту конкретни медицински третмани.
Според официјалните податоци на владата во Киншаса, во најновата епидемија во страната досега се регистрирани 2.473 потврдени случаи на зараза.
Вирусот досега однесе вкупно 999 животи, со што бројката на починати се приближува до црната граница од 1.000 жртви.
Здравствените експерти предупредуваат дека стапката на смртност од вирусот Бундибуџо (BDBV) е исклучително висока и достигнува и до 40 проценти.
Во моментов е во тек проценка на мал број експериментални вакцини и терапии, додека се испитува дали некои од постоечките третмани за ебола можат да обезбедат заштита.
Податоците со кои располагаат научниците засега се ограничени и се добиени исклучиво преку лабораториски тестови врз животни.
Бидејќи поголемиот дел од третманите сè уште не се тестирани на луѓе, за нивна примена во Конго ќе бидат потребни посебни одобренија за итна и хуманитарна употреба.

Македонски


