Skip to main content

Дури 22 дена загадената вода се мешала со водата за пиење во Гостивар!

Цевките преку кои, според досегашните наоди од истрагата, загадена површинска вода се внесувала во системот за водоснабдување во Гостивар биле во употреба цели 22 дена, од 25 јуни до 16 јули, соопшти Основното јавно обвинителство Гостивар.

Истрагата е отворена против директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, техничкиот раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи. Тие се осомничени за кривично дело „Тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење“.

Според Обвинителството, на 25 јуни тројцата осомничени им наредиле на вработени да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода, во непосредна близина на преливната комора на системот за водоснабдување. Наводно, пумпите биле поставени со цел тестирање на притисокот.

Сепак, при увидот на 16 јули било утврдено дека две од пумпите сè уште работеле. Преку црева, тие пренесувале вода од каналот директно во комората со вода за пиење, при што дошло до мешање на загадената површинска вода со водата од системот за водоснабдување.

Лабораториските анализи спроведени од Институтот за јавно здравје покажале сериозни отстапувања од дозволените вредности. Во примероците од површинската вода биле регистрирани 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, додека максимално дозволената вредност е 50 cfu/100 мл. Поради високото ниво на загаденост, водата била оценета како неупотреблива за каква било намена.

Отстапувања биле утврдени и во примероците од каптираниот извор. Таму биле пронајдени 39 cfu/100 мл колиформни бактерии, иако според стандардите нивното присуство треба да биде нула. Бил регистриран и зголемен број аеробни мезофилни бактериски колонии.

Дополнително, примерокот земен од чешма на улицата „ЈНА“ во Гостивар покажал зголемена концентрација на резидуален хлор од 1,1 мг/л. Тоа е повеќе од двојно над максимално дозволената вредност од 0,5 мг/л и значително над препорачаниот опсег од 0,2 до 0,3 мг/л.

Од Обвинителството наведуваат дека загадувањето предизвикало промени кои не можат лесно да се отстранат, поради што е отворена истражна постапка. Тројцата осомничени се лишени од слобода, а јавниот обвинител во текот на денот треба да одлучи за мерките што ќе ги предложи до надлежниот суд.

Поврзани вести