
Загадувањето на водата за пиење во Гостивар, кое за само неколку дена прерасна во сериозна здравствена криза, и натаму е во фокусот на јавноста. Додека бројот на граѓани кои бараат лекарска помош расте, институциите работат на утврдување на причините за инцидентот, а резултатите од лабораториските анализи треба да дадат одговор што точно се случило со водоводниот систем.
Забранета употребата на водата, почна истрага
Откако голем број жители на Гостивар се пожалија на стомачни тегоби, повраќање, дијареја и покачена температура, надлежните институции започнаа вонредни контроли на градскиот водовод. Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое се забрани користење на водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна, а истовремено беше отворена истрага во која се вклучени Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, инспекциските служби и судски вештаци.
Според досегашните сознанија, предмет на истрагата се сомневањата дека во водоводниот систем нелегално биле поставени пумпи преку кои во мрежата се внесувала вода од реката Вардар, со цел да се зголеми притисокот во системот. Кој ја имал „брилјантната“ идеја ќе покаже истрагата.
За само 24 часа уште 260 лица побарале лекарска помош
Министерството за здравство денеска соопшти дека во изминатите 24 часа во Општата болница во Гостивар биле прегледани 260 пациенти со симптоми кои се поврзуваат со загадената вода. Најголем дел од нив по прегледот добиле терапија и биле пуштени на домашно лекување, додека дел од пациентите останале хоспитализирани поради потешка клиничка слика.
Од Министерството уверуваат дека здравствениот систем располага со доволно медицински кадар и лекови и дека состојбата на сите пациенти постојано се следи.

ИЈЗ: Се анализираат сите примероци, резултатите ќе ги добие Обвинителството
Институтот за јавно здравје информира дека лабораториските анализи на земените примероци од водата се во тек. Паралелно со микробиолошките испитувања се обработуваат и епидемиолошките податоци поврзани со случајот, а веднаш по нивното завршување резултатите ќе бидат доставени до Основното јавно обвинителство, кое ја води предистражната постапка.
Токму овие анализи треба да дадат конечен одговор што ја предизвикало контаминацијата на водата.
Мицкоски: Шокиран сум, ќе има одговорност
И премиерот Христијан Мицкоски денеска зборуваше на тема гостиварски водовод. Тој изјави дека е шокиран од информациите што ги добил и истакна дека сите надлежни институции се целосно мобилизирани.
„Очекувам целосно расчистување на случајот. Секој што има одговорност ќе одговара. Нема да има никакво прикривање“, порача премиерот.
Тој нагласи дека Владата останува во постојана координација со сите институции, а главен приоритет е заштитата на здравјето на граѓаните.
Помош пристигна и од Скопје
Додека трае забраната за користење на водата, Град Скопје испрати цистерни со питка вода во Гостивар. Цистерните се поставуваат на повеќе локации за да им се овозможи на граѓаните непречено снабдување со безбедна вода за пиење, а надлежните повторно апелираат водата од водоводната мрежа да не се користи сѐ додека не биде официјално потврдена нејзината исправност.

Ќе има ли кривична одговорност?
Во текот на наредните денови се очекуваат лабораториските резултати од Институтот за јавно здравје, кои ќе покажат со што точно е загадена водата и дали загадувањето е резултат на човечки фактор. Продолжува и кривичната истрага, во која треба да се утврди како дошло до контаминацијата на водоводниот систем и дали ќе има кривична одговорност.
До тогаш, препораките остануваат исти – граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна и да ги следат насоките на здравствените власти.

Македонски



