Skip to main content

Обвинителството се откажа од обвинението, правосилно заврши предметот „Тотал“ против Латас

Предметот „Тотал“, во кој новинарот Драган Павловиќ Латас беше обвинет за даночно затајување, правосилно е завршен откако надлежниот јавен обвинител се откажал од обвинението во целост.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека на 27 мај 2026 година е донесена пресуда со која обвинението се одбива, бидејќи обвинителот се откажал од обвинителниот акт. Пресудата станала правосилна на 25 јуни годинава.

Станува збор за предмет што првично беше оформен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а подоцна го презеде Основното јавно обвинителство Скопје. Постапката пред судот се водеше од октомври 2017 година, а покрај Драган Павловиќ Латас како физичко лице, беа обвинети и три правни лица од Скопје за кривичното дело даночно затајување.

Од Судот посочуваат дека постапката повеќепати започнувала од почеток поради промени во надлежноста на јавниот обвинител и префрлањето на предметот меѓу обвинителствата.

Во завршниот збор, обвинителот, имајќи го предвид вештиот наод и мислење, најпрво извршил измени во обвинителниот акт, а потоа оценил дека за две од обвинетите правни лица не се исполнети законските елементи за кривичното дело даночно затајување. Во однос на едно од правните лица и на Драган Павловиќ Латас, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.

Поради тоа, судот донел пресуда со која обвинението се одбива.

Од Кривичниот суд информираат дека веќе се изготвени решенијата за трошоците на странките, а пресудата ќе биде објавена на веб-страницата на Судот по нејзината анонимизација.

Предметот „Тотал“ беше отворен од поранешното СЈО и се однесуваше на наводно даночно затајување во периодот од 2008 до 2015 година преку компаниите „Тотал маркетинг“ и „Тотал медиа центар“.

Поврзани вести