Skip to main content

Филм и пијано рецитал вечерва на Скопско лето

Вечерва (16.07.2026г.) е претпоследниот ден во рамки на „Кинотека на Скопско лето“ 2026, во која фокус е македонскиот филм. Со почеток во 20:15 часот во Кинотека на Македонија ќе се прикаже „Ова не е американски филм“ во режија на Сашо Павловски, додека утре вечер (17.07.2026г.) Кинотеката завршува со проекција на филмот „Барајќи си ја среќата“ во режија на Марија Џиџева, со почеток во 20:15 часот во Кинотека на Македонија.

Вечерва (четврток – 16.07.2026г.) со почеток во 20:30 часот во Салон 19’19 ќе се одржи пијано рецитал на Давид Павиќ, насловен „Контрасти и страсти“. Младиот пијанист Давид Павиќ ќе се претстави со рецитал што обединува дела од барокот, класицизмот, романтизмот и современата македонска музика. Програмата ги поврзува музичките светови на Хендел, Бетовен, Шуман, Лист и Властимир Николовски, создавајќи вечер исполнета со виртуозност, емоција и стилски контрасти. Концертот претставува дел од новата генерација македонски музичари кои сè поуспешно го градат своето уметничко присуство на домашната и меѓународната сцена.

Утре вечер (17.07.2026г. – петок) со почеток во 20:30 часот во Паркот на Франкофонија, во соработка и организација на Амбасадата на Казахстан, ќе се одржи вечер на традиционална музика и танц од Казахстан насловена „Звуците на Големата Степа“.


Овој настан претставува уникатна вечер посветена на богатото културно наследство на Казахстан преку настапите на етно-групата „Tarlans“ и кореографскиот ансамбл „Ayala“. Публиката ќе има можност да ужива во автентични звуци на традиционални казахстански инструменти, современи етно-аранжмани и впечатливи кореографии инспирирани од духот на Големата Степа. Настанот претставува спој на музика, танц и традиција што ја доближува казахстанската култура до македонската публика.

Влезот е слободен.

Исто така утре вечер, со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар Лабораториум ќе се одигра театарската претстава „Сина сенка“ на Независниот театар Златен елец, во режија на Тамара Стојановска.


„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстојуваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина.

Билетите за сите настани на Скопско лето се достапни на следниот линк: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto-2026.nspx

Поврзани вести