Skip to main content

Oфицијално: Повторно ќе му се суди на таткото на Вања, Апелација не е сигурна дека не е виновен

Апелациониот суд Скопје ја потврди осудителната доживотна казна затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев во случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, додека ослободителна пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски ја укина и предметот го врати на повторно судење. 

Одлуката Апелација ја донела на нејавен дел од седница одржана на 10 јули годинава, откако претходно на 11 мај одржа јавна седница по поднесените жалби. 

Апелација ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 25 јуни 2025 година во осудителниот дел по однос на обвинетите В. М., Б. В., В. К. и Љ. П., каде се огласени виновни за едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 в.в со член 22 од Кривичниот законик, едно кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 22 од Кривичниот законик и едно кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4 в.в со член 22 од Кривичниот законик и осудени на казна затвор – доживотен затвор. 

По однос на обвинетиот А.Ѓ., Апелација ја укина пресудата во ослободителниот дел за кривично дело Грабнување од член 141 став 2 в.в со став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, во кој дел предметот го врати пред првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.

Од Апелација, информираат деак со оглед на обемот на доказниот материјал и сложеноста на предметот, по кој од приемот во судот до донесување на одлуката, активно се постапува и се преземаат неопходните законски определени дејствија, во тек е писмената изработка на одлуката по што таа ќе биде објавена во целост на веб страницата на судот. 

Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, а Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази. 

Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Поврзани вести