
Со концерт на еден од најрепрезентативните кинески симфониски оркестри, Ningbo Symphony Orchestra, на 14 јули во 20:00 часот во НУ Центар за култура – Битола, започнува програмата на 56. Интернационален фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“.
За првпат во Битола ќе настапи оркестар кој за само една деценија стана еден од најзначајните културни амбасадори на Народна Република Кина и препознатливо име на светската симфониска сцена. Основан кон крајот на 2015 година, Ningbo Symphony Orchestra работи под покровителство на Бирото за култура, радио, телевизија и туризам на градот Нингбо, а негов уметнички директор е прочуениот кинески диригент, професорот Yu Feng. Од самиот почеток, оркестарот ја поставува амбицијата да стане ансамбл од светски ранг, собирајќи повеќе од сто исклучителни музичари кои дипломирале на најреномираните музички академии во светот.
Во својата досегашна работа, оркестарот настапувал со најистакнатите кинески и светски диригенти, меѓу кои Yu Feng, Long Yu, Li Xincao, Lyu Jia, Zhang Guoyong, Xu Zhong, Yang Yang, Lin Daye, Ulrich Windfuhr и Petr Popelka, како и со врвни солисти како виолинистот Ning Feng, виолончелистот Qin Liwei и бројни светски признати пијанисти. Покрај капиталните дела од светската класична музика, Ningbo Symphony Orchestra е препознатлив и по изведбата на современи кинески симфониски композиции како „A Gateway to the World“, „Ningbo Partita“ и „Welcome to Ningbo“, додека националната опера „Deer’s Call“, создадена во соработка со Ningbo Performance & Arts Group, е добитник на престижната кинеска награда „Best Works Award“.
Оркестарот бил дел од најзначајните национални културни настани во Кина, меѓу кои свеченостите по повод 70 години од основањето на Народна Република Кина на плоштадот Тјенанмен, отворањето на 15. Азиски фестивал на уметностите, како и China–CEEC Expo. Воедно реализирал успешни турнеи во Италија, Полска, Бугарија и Јужна Кореја, претставувајќи ја современата кинеска музичка култура пред меѓународната публика. Особено внимание посветува и на развојот на младите музичари.
Оркестарот е двигател на голем број јавни концерти и летни мастер-класи низ целиот град Нингбо, а активно учествува и во организацијата на Меѓународниот натпревар за вокални уметници во Нингбо, кој во 2023 година собра 417 натпреварувачи од 43 држави и пет континенти. Со оркестарот во Битола ќе диригира маестро Абзал Мухитдин, еден од најценетите диригенти од Централна Азија.
Во својата богата кариера диригирал повеќе од 1.000 симфониски и камерни дела и над 50 оперски и балетски продукции, настапувајќи на светски сцени како Carnegie Hall, Opéra Bastille, Dubai Opera, Opera di Roma, Bolshoi Theatre и Mariinsky Theatre. Соработувал со некои од најголемите имиња во класичната музика, меѓу кои Anna Netrebko, Roberto Alagna, Marcelo Álvarez, Vadim Repin, Denis Matsuev и Ildar Abdrazakov.
Концертот на Ningbo Symphony Orchestra ќе биде првиот голем музички настан во програмата на годинашното издание на фестивалот и единствена можност македонската публика да доживее ансамбл кој денес се смета за едно од најбрзо растечките имиња на азиската симфониска сцена. Билетите се во продажба по цена од 100 денари. Бидете дел од вечерта кога Битола ќе ја дочека светската симфониска уметност и ќе го започне 56. издание на „Илинденски денови“.

Македонски



