
Поради најавените дождови и можност за невреме камерниот концерт насловен „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ на ФЕЈМС Институтот, кој ќе се одржи на 12.07.2026г. (недела) со почеток во 20:30 часот, наместо во Сули ан, ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност.
Ова е втор концерт на јулската концертна серија на ФЕЈМС Институтот и ќе се одвива под водство на реномираните уметници Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, со учество на пијанистката Викторија Бојанова.
Веско Ешкенази е концертмајстор на Concertgebouw Orchestra од јануари 2000 година, а претходно бил концертмајстор и на Netherlands Chamber Orchestra и Netherlands Philharmonic Orchestra. Добитник е на награди од престижните натпревари „Wieniawski“ (Полска, 1985) и „Carl Flesch“ (Лондон, 1988), а настапувал со оркестри како Royal Philharmonic Orchestra и London Philharmonic Orchestra, под диригентско водство на имиња како Yuri Bashmet, Colin Davis, Carlo Maria Giulini, Kurt Masur и Seiji Ozawa.
Стојан Караиванов е првиот бугарски бандонеонист на класичен аргентински систем. Настапувал на значајни фестивали како „European Music Festival“, „Sofia Music Weeks“ и „Apollonia Arts Festival“, како и на бројни меѓународни фестивали во Австрија, Швајцарија, Германија, Русија, Италија, Македонија, Босна и Херцеговина и Кипар.
Од Моцарт и Менделсон до танго нуево на Пјацола, програмата ја истражува трансформацијата на музичкиот израз низ класичната музика, тангото и филмските звучни светови. Преку богат и разновиден репертоар, публиката е поканета на патување кое ги открива врските помеѓу традицијата и иновацијата, истакнувајќи ја моќта на ритамот, бојата и раскажувањето низ различните музички жанрови.
Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и, под менторство на Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, работат на избраниот репертоар во професионално опкружување, а потоа го изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.
ФЕЈМС Институтот, основан во 2021 година, во рамки на светски познатиот FAME’S Project, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Креативна Европа и Министерството за култура на Република Македонија, им овозможува на млади класични музичари од Европа да учествуваат на мастер класови и професионални студиски снимања. Институтот ја поврзува класичната обука со современи индустриски практики, вклучувајќи оркестарски снимања и крос-жанровска соработка. До денес, повеќе од 450 студенти од 31 земја учествувале во нашите целосно финансирани програми.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.

Македонски



