Skip to main content

Изложба „Фрагменти од нас“ на Кети Талевска Бакревска денеска во КСП Центар Јадро

Во КСП Центар Јадро во Скопје, во четврток (9 јули) со почеток во 20 часот ќе биде отворена третата самостојна изложба на фотографката Кети Талевска Бакревска насловена „Фрагменти од НАС“.
Изложбата претставува интимно визуелно истражување на жената како сложено и повеќеслојно суштество – составено од тело, мисла и дух, прикажано преку специфичниот јазик на лумен принтот, алтернативен фотографски процес во кој сончевата светлина станува активен учесник во создавањето на делото.

Во серијата „Фрагменти од НАС“, уметницата се препушта на природниот тек на процесот, дозволувајќи му на моментот, светлината и материјалот да остават сопствена трага врз фотографската хартија.

Концептот на изложбата е организиран околу три столба на постоењето, претставени преку три женски силуети создадени исклучиво со техниката на лумен принт. Преку нив, авторката истражува различни аспекти на женскиот идентитет, сеќавањето и внатрешниот свет.

„Фрагменти од НАС“ ја продолжува посветеноста на Талевска Бакревска кон аналогните и експериментални фотографски процеси, каде природата и светлината не се само мотив, туку и соработници во создавањето на фотографската слика.

Кети Талевска Бакревска, фотографка од Битола, работи со алтернативни фотографски техники како лумен принтови, цијанотипија, класична аналогна фотографија и камера обскура. Нејзината работа е инспирирана од природата, светлината и визуелните траги што тие ги оставаат врз материјалот.

Зад себе има две самостојни изложби и учества во повеќе регионални и европски уметнички проекти. Таа редовно е дел од жири-комисии на фотографски изложби, а преку едукативни работилници активно го пренесува своето знаење за алтернативната фотографија.

Изложбата „Фрагменти од НАС“ ќе биде отворена за посетителите во КСП Центар  Јадро, Скопје, од 9 јули 2026 година.

Поврзани вести