
Долгометражниот дебитантски проект „Цутот на зората“ на сценаристката и режисерка Ангела Димеска, ја освои наградата за развој на филм во рамките на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Чешка. Наградата изнесува 10.000 евра, a заедно ја доделуваат Midpoint, Фестивалот во Карлови Вари и студијата „Барандов“.
Жирито едногласно одлучи наградата да му ја додели на проект „кој ги истражува човечките и семејните односи во контекст на еколошка криза. Проектот обединува една заедница и нè потсетува дека личната храброст и колективната одговорност се нераскинливо поврзани“.
„Цутот на зората“ е драма за три генерации жени, пејзаж што полека исчезнува и љубовта што не секогаш знаеме како да ја покажеме. Краткометражните филмови „Перики“ и „Кутии“ на Димоска беа прикажани на бројни меѓународни филмски фестивали, а моментално го подготвува својот трет краткометражен филм „Денот кога музиката стивна“, поддржан од македонската Агенција за филм.
„Цутот на зората“ е нејзиниот дебитантски долгометражен филм, кој се развива заедно со продуцентот Огнен Антов од „Дрим фектори“, во рамките на програмата MIDPOINT Feature Launch, една од водечките европски програми за развој на долгометражни филмови.

Македонски



