Skip to main content

Архитектите на изборната криза

Креирано со помош на AI

Политичката сцена во Македонија влегува во период во кој повеќе главното прашање не се однесува на тоа кој во моментов е власт, а кој опозиција, туку на тоа кој ќе ја добие довербата од гласачите на изборните циклуси кои што следат. Позиционирањето и борбата за формирање на влада на идните парламентарни избори се одвива со висок интензитет од страна на сите заинтересирани актери. Таа е се поочигледна и поприсутна, покрај останатите политички активности кои редовно се одвиваат на паралелен колосек.

По убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2024 година и последователните локални успеси, владејачката коалиција успеа да се наметне како политички фактор кој влева доверба и создава впечаток дека се залага за спроведување на зацртаните политики и реализација на ветените проекти. Владата на Мицкоски воспостави силна политичка позиција, додека во исто време опозицијата сè уште се обидува да го пронајде сопствениот идентитет и да ја дефинира својата нова улога.

Страстите особено ги вжештува предлогот на новиот Изборен закон за кој се одвива жестока дебата мотивирана од партиските позиции. Овој предлог прерасна од техничка реформа која што има поврзаност со македонскиот процес на евроинтеграции во еден од најголемите политички судири меѓу власта и опозицијата во овој парламентарен циклус. Сето ова е, како што рековме, заради фаќање на подобри позиции за наредните избори, но и за блокирање на тековните процеси водени од актуелната влада и кои имаат за цел да ја намалат нејзината ефикасност.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека предложените измени треба да донесат помодерен, поефикасен и потранспарентен изборен процес, додека опозициските СДСМ и Левица предупредуваат дека дел од решенијата се носат без доволен политички консензус. Очигледно е дека забелешките на СДСМ се фокусирани на формалниот аспект на усвојувањето на текстот на овој закон на штета на суштинскиот. Консензусот како форма за носење на законот за нив е поважен од правото на глас како суштина заради која се организираат избори.

Во ставот на СДСМ е воочлива една контрадикторност која не може да биде оправдана со нивните понудени аргументи. Од една страна повеќе од една деценија ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека придонесува за иселување на граѓаните, а од друга страна се плаши од гласот на истите тие иселеници. На времето како опозиција редеа кондури пред влада симболизирајќи го иселувањето од Македонија, а сега немаат доверба во сопствените политички капацитети дека можат да ги освојат симпатиите на нашите иселеници.

Се противат на електронскиот начин на гласање на дијаспората и воопшто не сакаат да влезат во дебата за контролните механизми кои ќе обезбедат заштита на избирачкото право и дадениот глас. Во услови кога сите процеси и активности се префрлаат и одвиваат во електронскиот простор, осовременувањето на начинот на гласање се проблематизира до степен на блокирање на целиот изборен закон.

На тој начин се доаѓа до друг суштински интерес на СДСМ. Тоа е интерес кој е далеку поголем од начинот на гласањето на дијаспората. Се работи за гласовите кои што се добиваат дома, на домашен терен, од граѓаните кои својот живот го живеат во Македонија. Тие гласови што СДСМ досега ги добиваше дома, како и гласови кои што се проектираат преку последните анкети дека ќе бидат добиени на наредните избори, не создаваат чувство на задоволство во таборот на Филипче.

Затоа, преку блокадата на изборниот закон СДСМ става сопка и на внатрешниот реформски процес, но и на она што претставува македонска обврска во однос на евроинтеграциите. На тој начин се прави обид да се ослабне позицијата на државата во очите на Брисел и во догледно време да се наметне потреба од некој си нов Ван Хојте кој ќе изигрува медијатор со цел создавање на услови за враќањето на заевизмот на власт. Многу е едноставна за читање деструктивната логика во политичкото делување на СДСМ како архитекти на изборната криза.

Исклучивоста во пристапот на СДСМ во процесот на носењето на новиот изборен закон има стратешка компонента. Оваа компонента јасно ги проценува шансите на СДСМ како партија за освојување на власта преку нормални демократски процедури. Затоа, нивниот пристап е пристап кој има за цел да создаде криза токму во изборното законодавство кое по логиката на нештата е почетниот и основен столб во функционирањето на секоја демократија. А, кризата во изборното законодавство, зачинета со некои подоцнежни вештачки наметнати кризи како оваа, би се решавала со „Ван Хојте“ моделот.

И тука спасот ќе се бара во нови „Пржина“, нови СЈО, нови технички влади и слични креации и политички инженеринг кои ја обезличуваат демократијата и волјата на гласачите. Затоа, на овие активности на СДСМ не смее да се гледа како на активност на очајник кој што се бори за гол политички живот. Тоа се активности на добро разработен и монструозен план кој има за цел да и зададе удар на државата, а со тоа и на владата по некаков автоматизам.

Затоа, независно од тоа што сите достапни истражувања во изминатиот период покажуваат значителна предност на ВМРО-ДПМНЕ во однос на останатите политички субјекти, активностите на СДСМ за блокада на изборниот процес треба да се набљудуваат низ дополнителна призма која ги надминува боите на демократскиот спектар. Без разлика на тоа што различните методологии на различни анкети покажуваат стабилен тренд и односи на силите на политичките партии, блокадите на изборниот закон од страна на СДСМ се повеќе од секојдневна борба за доверба на гласачите.

Следните месеци можат да бидат одлучувачки за политичката динамика во Македонија. Независно од тоа што некои партиски функционери од таборот на Филипче во јавната дебата се обидуваат да го релативизираат носењето на изборниот закон со теза дека истиот треба да биде применуван после две години од сега, оставањето на оваа домашна задача незавршена може да креира сплет на проблеми кои ќе ги искомплицираат политичките состојби во државата во моменти кога тоа е најмалку потребно.

Затоа, усвојувањето на изборниот закон не е само интерес на политичките партии за тоа која од нив би имала подобри стартни позиции на наредните парламентарни избори. Неговото усвојување е од интерес на државата, демократијата и изборната волја на граѓаните, онаква каква што е. Неговото усвојување ќе ја намали опасноста од креирање на дополнителни кризи кои што ќе бидат последователно наметнати и кои во содејство со политичкиот инженеринг, разните платформи и технички влади ќе не внесат во процес во ново обезличување на Македонија.

Поврзани вести